Украинскиот претседател Петро Порошенко предложи англискиот јазик да стане втор јазик во земјата, што се изучува во украинските училишта, на место на рускиот, пренесоа француските медиуми.
-Англискиот треба да стане втор јазик што ќе се учи во училиштата, изјави Порошенко во вчерашниот говор на универзитетот во градот Лвов, тврдината на национализмот во западна Украина.
Порошенко, богат бизнисмен со диплома по меѓународни односи, и доста добро познавање на англискиот јазик, го наведе примерот на Сингапур, каде во 50-те години на минатиот век Владата го вовела англискиот јазик како втор официјален јазик.
-Треба да зборуваме не за статусот на рускиот јазик, туку за статусот на англискиот јазик – подвлече тој.
Болното јазично прашање во Украина доби поголем политички карактер од било кога. Според Киев, вооружениот конфликт со проруските бунтовници во источна Украина е предизвикан од Кремљ под претекстот дека треба да се заштити рускојазичното население.
Украинскиот е единствениот официјален јазик во земјата, откако во 1991 година таа стана независна држава. Иако не го зборуваат по дома, рускојазичните Украинци разбираат и пишуваат на него, бидејќи неговото изучување во советско време беше задолжително.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.