Aко минатата работна недела студениот продор, облаците и повремените врнежи беа главно одличје на временските услови, оваа работна недела може да кажеме дека ќе помине во дијаметрално спротивни услови, објавува порталот „Метеопро“. По сончевиот и релативно топол понеделник, продолжува трендот на релативно топло и пријатно време.
Вторник во најголем дел од денот ќе помине во пријатно и сончево време, со сосема слаб ветер.
Утрото ќе биде свежо, а минималната температура ќе има вредност во границите помеѓу 4°С и 11°С.
Максималната температура во последниот септемвриски ден ќе достигне вредност околу 23°С во северната половина на земјата, а во југозападниот регион околу 22°С. Најтопло, до 27°С ќе биде на југоисток.
Среда, исто така, ќе донесе суво и претежно сончево време. Утрото повторно ќе биде свежо, но за нијанса потопло од тоа во вторник.
Дневниот температурен максимум ќе биде сличен на тој од вторник, локално и за 1°С до 2°С повисок.
Четврток во најголем дел од денот ќе помине во претежно сончево време. Кон крајот на денот постепено ќе настапи наоблачување, но без изгледи за врнежи. Ќе дува претежно слаб југоисточен ветер.
Температурата во текот на денот ќе биде пониска во однос на среда за околу 2°С. Максималната температура ќе достигне вредност околу 22°С во северната половина на земјата, а во југозападниот регион околу 21°С. Најтопло, до 25°С ќе биде на југоисток.
В петок ќе има позначително наоблачување, но со мала веројатност за слаби врнежи. Ќе дува претежно слаб североисточен ветер.
Во однос на четврток, петок ќе има пониска дневна максимална вредност на температурата на воздухот за околу 2°С.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.