| четврток, 6 декември 2018 |

МОН: Родителите в понеделник да ги пуштат децата на училиште, настава ќе има!

Министерството за образование и наука, и покрај најавите за штрајк од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), апелира до родителите в понеделник да ги пратат децата на настава, бидејќи министерството и општините ќе овозможат услови за непречено одвивање на образованиот процес.

Министерот Абдилаќим Адеми побара од претседателот на СОНК Јаким Неделков да не манипулира со учениците, а родителите ги потсети дека оние кои нема да ги пуштат своите деца на училиште, ќе плаќаат казни и тоа во износ од 1.000 до 2.000 евра.

„Како што минува времето и од СОНК се уверија дека нема поддршка од членството и дека штрајкот нема да успее. Токму затоа се обидуваат на други начини, со вакви повици до учениците и со обвинувања дека ние вршиме притисоци врз вработениете. Тоа не е точно, бидејќи јас нема да дозволам министерството за образовние да се меша во такви работи односно да врши притисоци врз вработените во образовниот процес“, вели Адеми.

Неделков, пак, нагласува дека никогаш не упатил повик до родителите да не ги праќаат децата на настава, а министерот го обвини за притисок со цел штрајкот да не се одржи.

„Министерот е свесен дека огромен број членови го поддржуваат генералниот штрајк. Исто така е свесен дека се вршат притисоци, и тоа преку медиумите и преку инструирани, условно кажано наши членови“, вели Неделков.

Адеми вели дека прифаќа средба со раководството на СОНК за да се разгледаат нивните барања, но само доколку синдикатот не се служи со закани и уцени. Неделков нагласува дека и покрај ваквото декларативно прифаќање на дијалогот, министерот досега не одговорил на ниту едно писмо со кое синдикатот бара преговори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top