Дизајнерот Јован Петровски ќе го отвори најновото издание на Модната недела во Скопје која ќе почне од 23 и ќе трае до 27 октомври. На модната недела ќе се претстават 20 дизајнери и модни куќи , ќе има гости од странство и едукативни проекти кои се само дел од десеттото јубилејно издание.
Освен Петровски, на првата вечер ревија ќе има и Јована Филиповиќ со најновата колекција за пролет‐лето 2015, во мултимедијалниот центар „Мала Станица“ во Скопје, додека втората вечер е резервирана за „Вибрации“ на Александра Митковска, во ноќниот клуб „Станица 26“ со колекцијата за пролет‐лето 2015.
Викендот на 25 и 26 октомври ќе продолжи во салонот Ауди‐Порше Македонија. Во тој амбиент ќе се претстават дизајнерите: Лидија Георгиева, Оливера Штакоска, Ирина Тошева, Никола Петровски, „Ле бренд“ Стефанија Насеска и Олгица Ѓоргиева. Премиерно ќе се представат модната куќа „ХЕРА“ Инес Шабан, „ ЈЗЈ“ на Златко Јовановски и „Куфер“ на Андријана Динева. За најмладите ќе има ревија на модната продавница „Софиленд“ со американски детски брендови. На дневната ревија на „Софиленд“ ќе гостуваат децата со Даунов синдром од здружението „Трисомија 21“ од Скопје со цел нивна подобра интеграција во социјалниот живот.
Во оваа есенско издание предвиден е едукативен дел. Во организација на Моден викенд Скопје и Британски Совет во Македонија, Ребека Рој, модна уредничка и една од водечките британски стилистки ќе одржи работилница за модни блогери и фотографи наречена „Модно блогирање“. Со поддршка од Министерството за култура предавање ќе одржат Роберт Кавел Кларк од онлајн платформата за дизајнери, Робинс програмски менаџер за мода во Британски совет Лондон и тимот на модниот онлајн магазин „Стајлист“, соопштуваат од Модниот викенд во Скопје.
– Моден викенд Скопје започна интернационална соработка па така по гостувањето на Росица Мршиќ на модната недела во Нови Сад во април годинава, по принцип на размена, од Србија ни гостува дизајнерката Марина Миќановиќ која ќе презентира колекција во Ауди‐ Порше Македонија а Ирина Тошева заминува на предстојното издание во Нови Сад. По претставувањето на Мила Кадриу во Приштина во април годинава,на нашето десетто издание ќе гостува Флутура Дедиња од Приштина, препознатлива по својот специфичен дизајн. Во соработка со Модната недела во Белград, во рамките на проектот „Зона 45“ , десеттото издание на Моден викенд Скопје ќе го затвори ексклузивната ревија на српската дизајнерка Ивана Пиља која соработува со светски познати имиња како Лили Ален, Дита Вон Тис и многу други. Шоуто на Пиља ќе се случи на 27 октомври во Телеком иновацискиот центар во Скопје – објасуваат од Модната недела во Скопје
На претстојната модна недела во Белград публиката ќе ја види колекцијата на македонската дизајнерка Лидија Георгиева, а најновото од Мршиќ публиката ќе може да го види во продолжение на Моден викенд Скопје, на 31 октомври но начинот на презентација, дизајнерката го остава како изненадување до самиот крај.
Мила Кадриу во организација на Моден викенд Скопје ќе ги изненади љубителите на нејзините креации со ексклузивна ревија кон крајот на ноември. Веднаш по ревиите, колекциите ќе бидат изложени на продажба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.