| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците повеќе трошат на алкохол и цигари отколку на овошје и млеко

Македонците трошат повеќе пари за алкохол и цигари отколку за овошје, млеко, чевли, риба или за култура и рекреација, за образование, анализира Дневник.

alkohol1

Така, просечно четиричлено домаќинство во земјава лани се почестило со 9.423 денари, од кои 6.335 денари за тутун, а 3.088 за алкохол. Тоа е сума која е далеку повисока од парите што просечно домаќинство ги одвојува, на пример, за овошје (6.607 денари), обувки со вклучени поправки (5.950 денари) или за рекреација и култура за што вкупно годишно се одвојуваат 7.113 денари. А девет пати е помала од таа што се издвојува за образование – 1.720 денари годишно за сите четворица. Македонците убедливо најмалку се фаќаат за џеб кога е образованието во прашање. Овие чудни податоци ги открива Статистичкиот годишник за лани, според кој ситуацијата претходните години била далеку полоша. Тогаш граѓаните повеќе посегале по паричник за алкохол и пороци отколку за други потребни набавки. Така, ако во 2012 година потрошиле 11.863 денари за алкохолни пијалаци и тутун, лани за оваа ставка имале две илјадарки помалку, односно потрошиле 9.423 денари.

Се штедело на сѐ и сешто

Математиката покажува дека лани во просек домаќинствата пиеле 136,4 литри млеко или за таа намена издвоиле 5.526 денари од домашниот буџет, сума која е за илјадарка помала од таа издвоена за цигари.

Статистичкиот годишник на Заводот за статистика отсликува низа промени во финансиите и во нивната употреба кај македонските семејства. Податоците покажуваат дека лани едно просечно четиричлено домаќинство имало на располагање 5.578 евра (343.092 денари) или 238 евра повеќе од 2012 година. Од овие пари потрошило 5.087 евра или околу 500 евра помалку од тоа што имало на располагање за разлика од претходната година кога граѓаните потрошиле дури 172 евра повеќе од тоа што годишно заработиле. Ова беше тренд изминатите години кога статистика мереше драстично повисоки потрошени средства во однос на заработените.

Податоците покажуваат дека светската криза ги научила граѓаните да штедат како на храна така и на други споредни давачки. Лани граѓаните помалку пари трошеле на сообраќај и здравје, плаќале пониски сметки за комуникација, им се намалиле трошоците за станарина, вода, електрична енергија и за горива, а имале и пониски трошоци за отплата на кредити и заеми. Малку паднала и сумата што ја оставале на име на штедење во банка. Од друга страна, им се зголемиле трошоците за стан, куќа и имот. Од потрошените суми се гледа дека и помалку пушеле и пиеле, потрошиле помалку пари за облека, обувки…

Од кафеани не се откажуваме

Просечно четиричлено домаќинство лани потрошило 10.247 денари во ресторани и хотели во споредба со шестпати помалку пари или симболични 1.720 денари, кои ги намениле за доусовршување на образованието. Односно, минатата година секое македонско семејство потрошило 2.762 денари на член во ресторани и хотели, а само 464 денари за книги и за зголемување на своето образование. Интересно е дека сумата одвоена за образование лани е драстично падната во однос на претходната година кога просечно домаќинство трошело 4.959 денари или речиси трипати повеќе од лани.

Се штедело и на весници и книги, па, така, ако во 2012 година просечната сума што се трошела за овие набавки изнесувала 903 денари, лани се намалила на 608 денари. Но, затоа се удвоила сумата потрошена на пакет-туристички аранжмани, од 599 на 1.136 денари лани, а паднала таа за услуга за култура и разонода, како и на таа за други средства за рекреација, како цвеќиња, миленици.

СМЕ ИЗЕЛЕ ПЕТ КИЛОГРАМИ ПОМАЛКУ ЛЕБ

Статистика измери дека просечно четиричлено домаќинство лани изело 268 килограми леб или 5 килограми помалку од 2012 година, но затоа потрошило вкупно 125 килограми брашно или 9 килограми повеќе од претходната година. Поради повисоките цени од претходните години поради извозот, се намалиле и купените количества зеленчук и овошје типични за земјава.

Така, лани Македонците изеле во просек на домаќинство речиси 63 килограми пипер или за десетина килограми помалку од претходната година, исто толку помалку се изеле и домати, односно во просек годишно сме консумирале 50 килограми домати. Пораснале количествата на изедени јаболка на домаќинство за 4 килограми во споредба со претходната година, но се намалиле за бостан и за грозје. Податоците покажуваат дека Македонците лани јаделе и помалку месо, а повеќе риба, но млеко пиеле за 2 литра повеќе или испиле вкупно 136,4 литри млеко.

ВУЈЧЕ ОД АМЕРИКА ЛАНИ ПРАТИЛ ЗА 50 ЕВРА ПОВЕЌЕ ОД ПРЕТХОДНО

Статистички лани граѓаните имале на располагање 343.092 денари, од кои во пари 329.708 денари, од кои најмногу од плата или 207.378 денари. Остатокот се приходи од пензии, од социјално осигурување од земјоделство и друго. Интересно е дека лани за речиси 50 евра пораснале примањата од странство и просечно едно домаќинство лани добило по 9.196 денари од вујче од Америка.

Според статистика, граѓаните лани за лична потрошувачка потрошиле вкупно 286.404 денари, од кои за храна и безалкохолни пијалаци 135.132 денари, а една година претходно за лична потрошувачка потрошиле 308.939 денари, а за храна и безалкохолни пијалаци 134.849 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top