| четврток, 6 декември 2018 |

Како да се решиме од досадните штетници – вошките?

Вошките на главата се еден од најчестите проблеми кои се појавуваат кај децата во предучилишна и училишна возраст. Лесно се распространуваат, особено се досадни и се голема непријатност за секој родител, но исто и за детето. По тој повод разговараме со Елена Арсова, трихолог во центарот за коса 101 Hair Clinic.

972957_10152367416793027_750409562_n

Како се препознаваат вошките?

Д-р Арсова: Само со директен преглед на косата може да се потврди вошливоста затоа што знаците за вошливост не се специфични сами по себе. Чешање, ранички на кожата, црвенило, бели точки на влакното се сиптоми кои не се појавуваат само при појава на вошки. Перут, егзема, алергии на шампони исто така даваат вакви сиптоми. За да се диференцира мора да се прегледа косата под добро светло, по можност со лупа и да се бараат вошки. Вошките се ситни инсекти со нозе кои лазат, не скокаат и не летаат. И на силно светло бегаат па ќе можете лесно да ги видите. Кафеави се со големина на зрно сусам и се движат. Најчесто се сретнуваат по ободот на косата, позади и околу ушите и кај вратот. Освен вошките се бараат и нивните јајца, гнидите како белузлави или жолти топчиња цврсто прилепени за влакното, кои не се движат. За разлика од перутот тие многу тешко се извлекуваат од влакното.

Зошто вошките се јавуваат најчесто кај децата?

Д-р Арсова: Поради тоа што децата имаат тенденција да остваруваат близок контакт глава со глава. Вошките се пренесуваат преку директен контакт или преку предмети. Сетете се колку често им се допираат главчињата додека си играат, колку често другарски се прегрнуваат, или девојчињата си разменуваат ластичиња за коса, шноли, капчиња и шалови. Исто така влакното кај децата е потенко и понежно па вошките многу лесно се фаќаат за него. Се јавуваат кај деца од 4 до 11 години, а доминираат кај деца на околу 7-8 години.

Кој е показател за присуство на вошки кај деца?

Д-р Арсова: Не е секогаш лесно да се препознаат знаците на вошливост кај деца. Може да поминат и 6 недели додека се појават типичните знаци на чешање.Чешањето е најчестиот знак кој е резултат на алергиската реакција на кожата која се јавува од каснувањето од вошката. Освен чешањето може да постои чувство дека нешто лази по главата, ранички на кожата, црвени отоци на главата и вратот, па и тешкотии при спиење и нервоза. Но, само со преглед на косата може сигурно да се потврди присуството на вошки

Дали можат да се појават и вошки кај возрасните?

Д-р Арсова: Секако. Најчесто родителите фаќаат вошки од своите деца. Но, вошките потешко се фаќаат на влакното на возрасните кое е цврсто и подебело влакно за разлика од тенката и нежна детска коса, па затоа и возрасните поретко фаќаат вошки. Освен тоа вошливоста кај возрасни се обично изолирани случаи кои веднаш се решаваат затоа што возрасните полесно можат да ги препознаат симптомите. Исто така поради брзото отстранување на вошките кај возрасните и свесното применување на одредени превентивни мерки не доаѓа до можност за ширење ниту за одржување на вошливоста.

Како се пренесуваат вошките најчесто?

Д-р Арсова: Вошките се пренесуваат преку близок, личен контакт, особено кога главчињата на децата се доближуваат додека си играат заедно или си зборуваат. Исто така вошките можат да се шират преку разменување на предмети за лична употреба, како чешли, додатоци за коса, јакни, капи и шалови, кациги, полнети играчки, слушалки за уши, дури и ако децата лежат на ист кревет или тепих. Девојчињата имаат поголем ризик од момчињата да фатат вошки бидејќи тие сакаат да си шепотат тајни, да делат додатоци за коса (шноли, ластичиња, чешлиња, машни итн…) и да преспиваат една кај друга. Девојчињата исто така најчесто имаат долга коса, која полесно може да дојде во контакт со вошките. Потоа преку мебел и теписи во собата каде децата си играат. Преку шкафчињата во училиште каде можат да преживеат.

Како се отстрануваат вошките, на кој начин?

Д-р Арсова: Во последните години  расте загриженоста дека вошките стануваат отпорни на некои вообичаени пестициди кои се користат во шампоните, како перметрин и пиретрин. Исто така е установено дека на секои 4-5 години вошките развиваат отпорност и на новите пестициди кои се користат во производите. Во 2010 година Американската академија за педијатрија даде насоки во третманот на вошливост. Шампоните сè уште се добар прв избор на третман, ако се одобрени дека се безбедни за користење. Но, ако овие производи не делуваат а ги користите правилно тогаш би требало да побарате друго решение. Најсовремениот апарат за отстранување на вошки е електричен чешел кој ги убива вошките со електричен импулс и на тој начин 100% сигурно ги отстранува.

Што треба да се направи во домот доколку детето има вошки?

Д-р Арсова: Дополнително, би требало темелно да го исчистите Вашиот дом и личните предмети кои веројатно биле изложени на вошки. Машински исперете ги постелнините, капите, јакните, шаловите, плишаните играчки и слично во топла вода до 60 степени Целзиусови, а потоа исушете во сушара на висока температура најмалку 20 минути. Предметите кои не се перат машински треба да се однесат на хемиско перење и да се затворат во пластична ќеса и да се држат така 2 недели (во тој период сите вошки што заостанале ќе изумрат). Потопете ги чешлите и четките во многу топла вода. Темелно исчистете ја собата на детето и зоните каде си игра, вклучително подот и мебелот со правосмукалка. Вошките имаат потреба да се хранат секојдневно и не можат да живеат далеку од човекот.

Која е вашата превентивна мерка до родителите?

 Д-р Арсова: Учете ги децата и воведете добри навики. За да ги намалите шансите вашето дете да фати вошки, почнете да го учите да не разменува предмети и гардероба кои доаѓаат во контакт со главата. Побарајте од вашето дете да одбегнува игри и активности кои водат до контакт со глава со другарчињата. Побарајте од вашето дете да ги чува своите лични работи –особено капи, јакни, шалови и други парчиња гардероба надвор од вообичаените места. И секако користете природен спреј за превенција од вошки базиран на природни состојки, а не токсини или пестициди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top