| четврток, 6 декември 2018 |

Само стабилен рејтинг привлекува нови инвестиции

Пет години по ред кредитната агенција „Фич“ го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија на „ББ+” со стабилна перспектива, а како главни предности на македонската економија, кои придонесуваат за оценката, се посочени макроекономската политика и условите за водење бизнис. „Фич“ прогнозира дека годинава економијата ќе порасне за 3,5 проценти, а невработеноста ќе се намалува

Владината економска политика, која внесе позитивно раздвижување во стопанството, добива свое признание преку позитивните оцени од страна на кредитните агенции. Таква потврда пристигна и од кредитната агенција Фич, која во својот последен извештај го задржува кредитниот рејтинг на земјава на „ББ+“ со стабилна перспектива, а како главни предности на македонската економија, кои придонесуваат за оценката, нагласени се макроекономската политика и условите за водење бизнис. „Фич“ проценува aдека годинава економијата ќе порасне за 3,5 проценти, дека невработеноста ќе се намалува, а дека државниот долг е на умерено ниво. Овие, како и другите позитивни економски параметри, влијаат позитивно врз имиџот на Македонија како инвестициска дестинација. И за разлика од земјите од регионот, како на пример Хрватска, која бележи пад на кредитниот рејтинг и се соочува со можноста да не исплаќа плати, Македонија со години успешно го чува својот кредитен рејтинг, бележи нови инвестиции, најавува зголемување на платите.

Според стручњаците, потврдата од „Фич“ за стабилниот кредитен рејтинг на Македонија е една од најдобрите пораки до инвеститорите да вложуваат во земјава.

Земјава бележи подобрување во сите сегменти врз основа на кои се мери конкурентноста. Ова е одличен сигнал за сите потенцијални инвеститори, но и за оние што веќе инвестирале бидејќи се потврдува позитивноста на нивниот избор на земјата за вложување на парите. Токму потврдата од „Фич“, но и од другите кредитни агенции што со години го немаат намалено кредитниот рејтинг на Македонија, веројатно влијаела врз одлуката на четирите потенцијални инвеститори што ги најави премиерот Груевски, да дојдат во Македонија – велат стручњаците. Според нив, потребни се дополнителни инвестиции во патната и во железничката инфраструктура, кои уште повеќе ќе ја кренат економијата на нозе.

Со позитивен до­­машен бруто-производ, кој се темели на пораст на сите па­раметри во еко­номијата, ма­ке­донската економија и натаму ќе испорачува позитивни стапки на пораст, а невработеноста ќе продолжи да се намалува. Тоа ќе продолжи да носи позитивни кредитни рејтизни, тие ќе привлекуваат инвеститори, со што ќе се заокружи циклусот на економски пораст – додаваат стручњаците.

Премиерот Никола Груевски во минатиот број на „Република“ најави дека четири нови странски компании донеле одлука да инвестираат во Македонија, а две веќе присутни со инвестиции во државава да ги прошират капацитетите. Во финална фаза се разговори со уште неколку инвеститори, но засега сѐ уште не се објавуваат деталите.

Сите овие одлуки за инвестирање, и тие што ќе се донесат во иднина, делумно се донесуваат благодарение на прогнозите што ги добива земјава од страна на кредитните агенции, меѓу кои е и „Фич“.

Потврдата на стабилниот кредитен рејтинг на Република Македонија од страна на „Фич“ е, навистина, големо признание за економската политика и ќе помогне да се задржи добриот имиџ кај инвеститорите – оценува вицепремиерот и министер за финансии, Зо­ран Ставрески.

Во  потврдата на „Фич“, една од двете најпознати светски агенции за оценување на рејтингот, најголемо учество, секако, има економскиот пораст остварен во првиот дел од годината.

Порастот од 3,9 проценти е меѓу највисоките стапки на пораст на БДП во Европа. „Фич“ истакнува дека значајно учество во тоа има градежништвото и јавните инвестиции, односно инфраструктурните проекти што се финансираат од буџетот, што значи дека ја потврдуваат долгогодишната политика на Владата во услови кога европската економија сѐ уште има кризни моменти и најновите ситуации таму не се баш најповолни. Тоа што инвестираме многу во инфраструктурни проекти ѝ помага на домашната економија – вели Ставрески.

„Фич“, исто така, ја истакнува и стабилноста на фискалниот сектор, на јавните финансии, ефикасното трошење на средствата во делот на капитални проекти, како и добрата деловна клима. Сите тие работи се позитивни и потврдуваат дека Македонија здраво ја има поставено основната економска политика и на најдобар можен начин се соочува со економските предизвици.

Оваа оценка на „Фич“ ќе помогне да се задржи и добриот имиџ на Македонија кај инвеститорите. Инвеститорите внимателно следат која е оценката на „Фич“, на „Стандард и Пурс“ и на слични агенции и од тој аспект очекувам и натаму ова да стане поттик за нови странски инвестиции, како и можност Република Македонија да добива меѓународни финансиски средства со поволни услови – смета Ставрески.

Во потврдата кредитниот рејтинг на Македонија на „ББ+” со стабилна перспектива, како главни предности на македонската економија што придонесуваат за оценката се истакнати макроекономската политика и условите за водење бизнис. „Фич“ прогнозира дека годинава економијата ќе порасне за 3,5 проценти, а е забележано и намалување на невработеноста. Државниот долг се одржува на умерено ниво. За буџетскиот дефицит, агенцијата посочува дека во тек се големи инфраструктурни проекти што можат да се одразат на стапката, но истовремено го поттикнуваат економскиот пораст на земјата. Благодарение на влезот на странските директни инвестиции, забележан е пораст на извозот. За можноста за формирање слободни финансиски зони, „Фич“ наведува дека ќе привлече нови странски инвестиции.

Банкарскиот сектор е стабилен и останува добро капитализиран. Издавањето на еврообврзницата придонесе за пораст на девизните резерви, забележува агенцијата.

За во иднина, „Фич“ прогнозира дека Македонија ќе продолжи со стабилната фискална и монетарна политика и дека најголемиот европски трговски партнер на Македонија ќе закрепнува, што ќе влијае позитивно на трговскиот биланс.

Кредитната агенција „Фич“ пет години по ред го потврдува стабилниот кредитен рејтинг на Република Македонија. И додека кредитниот рејтинг на Македонија останува стабилен, на многу економии од регионот и пошироко како Русија, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија и други, им е намален кредитниот рејтинг.

Последната прогноза на агенцијата „Фич“ е за намалување на хрватскиот кредитен рејтинг за едно ниво, односно на „ББ“ за долгорочно задолжување во странска валута и на „ББ+“ во домашна. Со намалувањето на кредитниот рејтинг агенцијата, всушност, очекува продолжување на рецесијата, а нејзините аналитичари искажуваат сомнеж дека државата наскоро ќе може да го стабилизира јавниот долг.Според хрватските медиуми, приходите од ДДВ биле под очекувањата и дефицитот расте поради што е можно до крајот на годината да нема доволно средства за плати, односно под знак прашање е платата за декември годинава. Сепак, Хрватска се надева на приходи од туризмот, иако и во таа гранка во јули се регистрирани минуси.

Кредитната агенција „Фич“ го намали кредитниот рејтинг и на Русија од стабилен на негативен. Претходно, „Стандард и Пурс“ ги намали руските кредитни услови поради ризиците поврзани со западните санкции против Москва по нејзината анексија на Крим. Сегашниот кредитен рејтинг на Русија е „БББ“ што одговара на земја со среден квалитет на рејтинг, но која може на соодветен начин да ги исполнува своите обврски.

„Фич“ на адресата на Србија испорача прогноза за намален кредитен рејтинг на „Б+“ со стабилни прогнози, од претходните „ББ-“ со негативни изгледи.Како клучни причини за својата одлука за намалувањето на кредитниот рејтинг на Србија, „Фич“ го наведува порастот на дефицитот во 2014 година по основа на претходно преземени обврски, како и општата состојба на јавниот долг во однос на висината на домашниот бруто-производ, но и неспроведување на претходно најавените структурни реформи во претходните години.

Меѓународната кредитна агенција „Фич“ ја намали прогнозата за економскиот пораст на Турција од 3,2 на 2,5 проценти за 2014 година и од 3,8 на 3,2 проценти во 2015 година, објави весникот „Хуриет дејлињуз“. Агенцијата одлуката ја аргументира со забавувањето на порастот на домашното кредитирање и со знацитe за слабеење на корисничката и инвеститорска доверба. Во соопштението, „Фич“ го потврдува кредитниот рејтинг на Турција на ниво „БББ-“ со стабилна перспектива.Фич нагласува дека турската економија останува многу променлива и дека конзистентноста и предвидливоста на макроекономската политика се очекува да бидат послаби.

Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“ го намали долгорочно и краткорочно кредитниот рејтинг на Бугарија во странска и во локална валута за еден степен од „БББ/А-2“ на „БББ/А-3“, со стабилна перспектива. Агенцијата како главна причина за ревизијата на рејтингот ја наведува нестабилноста на политичката ситуација.Како главен показател за недоволен пораст е посочен просечниот економски пораст за периодот 2010-2013 година, кој е оценет на под еден процент.

 

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 106. број на неделникот „Република“, 12.09.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top