| четврток, 6 декември 2018 |

Сирија: Петнаесет деца починаа поради грешка при давањето вакцина

Петнаесет деца починаа во Сирија, кога лекарите по грешка наместо вакцина им дале лек за опуштање и релаксација на мускулите, соопшти претставник на бунтовниците.

vakcina

Инцидентот се случил во болницата во градот Џарџанас, југозападно од Алепо, во близината на границата со Турција, за време на вакцинирањето на децата од сипаници и полио.

Грешката е направена врз 75 деца, од кои 15 починале во вторникот. Сите жртви се деца на возраст меѓу шест и 18 месеци.

Медицинскиот персонал се правда дека грешката се случила поради идентичноста на пакувањето во кои била сместени вакцината и лекот, што се покажа смртоносен за малечките деца.

Гневните родители, меѓутоа, ги обвинуваат лекарите за нестручност и незнаење, како и персоналот на болницата за лошо чување на вакцината.

Бунтовниците сега се обидуваат целата вина за овој трагичен инцидент да ја префрлат врз властите во Дамаск, обвинувајќи ги „вандалите на Асад“ дека намерно ги прекршиле безбедносните правила за чување на лековите .

Вакцинирањето на децата кои се раселени по бегалски логори, или низ сириската внатрешност, се врши по налог на ОН и на Светската здравстена организација, откако вооружениот бунт и граѓанската војна што потоа се разви, предизвика распад на поранешниот сириски здравствен систем.

До избувнувањето на бунтот пред три години, здравствениот систем на Сирија важеше за еден од најдобрите на Блискиот Исток.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top