| четврток, 6 декември 2018 |

Оскаровците емотивно ѝ се заблагодарија на Македонија

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој рече дека вечерашнава приказна е започната уште пред еден век кога двајцата браќа од Битола купија филмска камера

zuliet-binos-7

– Уште едно возбудливо издание е пред нас, 35-тото, јубилејно издание. Како организатори, се потрудивме да напредуваме повторно во организациска, артистичка и професионална смисла, но пред сѐ максимално се вложивме да бидеме добри домаќини. Вечерва со нас се тројца извонредни уметници, неверојатни професионалци и пред сѐ големи луѓе. Лука Бигаци, ви благодарам што сте со нас, вие сте предводник на новата италијанска и европска кинематографија. Крис Менџис, благодарам што прифативте да дојдете во Македонија, голема иснпирација сте за сите нас, вие сте легенда на која ѝ се поколонуваме. Жулиет, ѝ направивте голема чест на Македонија, ви благодариме за секоја ваша ролја! И секоја нова со нетрпение ја исчекуваме – изјави директорката Лабина Митевска на свеченото отворање на 35. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ синоќа во Битола.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој рече дека вечерашнава приказна е започната уште пред еден век кога двајцата браќа од Битола купија филмска камера. Македонија веќе 35 години е организатор на најстариот фестивал посветен на кинематографите.

-Во изминатите 35 години, овој фестивал стана дом на филмските ѕвезди од Македонија, Европа и светот. Ѕвездите на небото и ѕвездите на филмското платно и покрај тоа што се различни – имаат една заедничка особина: тие нѐ охрабруваат да ја промислиме нашата приказна, да го погледнеме светот и нашето место во него. Како претседател на Република Македонија, горд сум што сум покровител на овој фестивал кои ги нуди најдобрите филмски остварувања. Убеден сум дека постигнатиот успех, ќе нѐ мотивира да го трасираме патот до ѕвездите, пат кој е поплочен со креативност, човекољубие и убавина – рече претседателот Иванов.

Отворањето беше одбележано со врачувањето на наградата за животно дело која годинава му припадна на еден од најдобрите британски и светски кинематографери, Крис Менџис, кого го нарекуваат големиот маг на светлото. “Златната камера 300“ на Менџис ја врачи претседателот на Друштвото на филмски професионалци на Македонија, Роберт Насков.

zlatna-kamera-300-4

-Ви благодарам, голема чест е да се добие оваа награда, особено од држава која ја вреднува работата на кинематограферите. Би сакал да ја посветам оваа награда на сите учители, што сите нас нѐ научија за филмот – рече Менџис.

На годинашниот добитник на специјалната „Златна камера 300“ виртуозот на филмската камера, Лука Бигаци, наградата му ја врачи градоначалникот на Битола, Владимир Талевски.

-Среќен сум што сум тука, зашто Македонија ги сака филмовите, а Битола многу ги сака кинематограферите – рече Бигаци.

zlatna-kamera-300-3

На годинешната ѕвезда на фестивалот и една од најдобрите актерки во светот, Жулиет Бинош, наградата „Златна камера 300“ ѝ ја врачи претседателот на Република Македонија, Иванов.

-Првата врска помеѓу нас актерите и публиката е токму кинематограферот. Кога сте на сет и кога ќе заврши некоја сцена, првиот гледач, првиот одговор за она што сме го направиле е токму кинематограферот. Навистина многу им се восхитувам, зашто нивните избори, навистина го прават филмот, зашто секогаш изнаоѓаат посебен филмски јазик – рече Бинош.

zuliet-binos-place-so-nagradata-1

Публиката во Центарот за култура во Битола, на нозе ја поздрави големата актерка Жулиет Бинош а таа одговори со солзи на очите. Потоа гледачите со внимание го проследија филмот „Облаците на Силс Марија,“ прикажан во чест на ѕвездата на фестивалот.

Годинава, дел од свеченото отворање на фестивалот беше Сашко Костов, како дел од традицијата секоја година да се претстави по еден млад македонски музички талент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top