| четврток, 6 декември 2018 |

Никола Незлобински во Струга ги отворил првата болница и првиот музеј

Гробот на почесниот граѓанин на Струга, д-р Никола Антонович Незлобински и денес се наоѓа во алејата на заслужните граѓани на градските гробишта, а во знак на благодарност кон човекот што го создал, организирал и промовирал, Музејот во Струга го носи неговото име

Почетоците на музејската дејност во Струга и во Македонија воопшто се неразделно поврзани со името на д-р Никола Незлобински. Во далечната 1928 година, овој руски емигрант, кого судбината и животот го однеле далеку од родната земја, во Македонија и Струга, во една од бараките на својот маларичен диспанзер ги отворил вратите на првата музејска збирка, со што ги поставил основите на идниот Природонаучен музеј во Струга и воопшто на музеологијата во Македонија. Во 1938 година оваа збирка прераснува во постојана музејска поставка изложена и презентирана во нова зграда во која и денес се наоѓа. Беспрекорна по својата концепција и изложените експонати, во најголем дел собрани, препарирани и изложени од самиот Незлобински, збирката со годините не загубила од својата автентичност и оригиналност, напротив, таа сѐ повеќе добива превез на историска и документарна вредност за едно време, една поинаква Струга и еден сосема друг екосистем, кој засекогаш исчезнал. Денеска, Музејот во Струга претставува современа институција во чиишто рамки, освен биолошкиот оддел, кој се грижи за природонаучната збирка, дејствува и археолошкото, етнолошкото, историското и ликовното одделение во галеријата на Вангел Коџоман.

Reportaza105-0Николај Антонович Незлобински е роден на 12 мај 1885 година во градот Пјатогорск, јужна Русија. Единствените сознанија што ги имаме за неговото семејство се однесуваат на неговиот татко, Антон, кој бил шумарски инженер и кој, по сеќавањата на Незлобински, кај него ја развил љубовта кон природата и животните, која подоцна ќе прерасне во една пасионираност, која, несомнено, ќе биде пресудна при оформувањето на Музејот во Струга. Во 1907 година, како воен стипендист, станал студент на Военомедицинската академија во руската престолнина Санкт Петербург. Бил вреден и трудољубив студент, за што сведочи и добиеното признание „Златен медал“ за истражувања и семинарска работа „Значењето на плочестите глисти“. Истражувачката работа ја продолжил и подоцна, во текот на професионалната работа во Струга и на тоа поле остварува забележителни резултати. На академијата дипломирал во 1912 година и, бидејќи бил воен стипендист, останува во служба како воен лекар. Првата светска војна младиот Незлобински го затекла како лекар на руската Црноморска флота. Во ноември 1917 година почнала руската Октомвриска револуција во која Никола Незлобински останал на страната  на приврзаниците на царот во редовите на белогардејската војска.

Завршувањето на Првата светска војна не донело мир во Русија, борбите меѓу советите и белогардејците продолжиле сѐ до 1921 година, кога биле поразени и принудени да ја напуштат Русија. Во групата емигранти белогардејци, која во 1921 година пристигнала во Кралството Југославија, се наоѓал и докторот Никола Незлобински со неговата сопруга Софија. Уважувајќи го образованието и стручноста на д-р Никола Незлобински, Министерството за народно здравје го распоредило на служба во Македонија, прво во Крива Паланка, а подоцна во Струга. На 28 август 1924 година Никола Незлобински, заедно со својата сопруга и соработниците, пристигнал во Струга. Тоа биле, исто така, руските емигранти Георги Рудњев, Андреј Лукин и неговата сопруга, Михаил Макаров и Борис за чиешто презиме немаме податоци, но во Струга бил познат како „баронот Борис“.

Reportaza105-3

Reportaza105-2

Reportaza105-6

Reportaza105-5

Reportaza105-4

Д-р Никола Незлобински во Струга бил испратен со задача да работи на искоренување на маларијата, ендемска болест, која подолг период претставувала сериозен проблем во овој крај. За постојано место за живеење д-р Незлобински го избрал едниот од трите острови меѓу ракавите на реката Црн Дрим, при нејзиниот излез од градот Струга. Набргу потоа на островот биле поставени четири дрвени бараки, добиени како воена отштета од претходната војна. Но во едната живеел докторот со својата сопруга, а во втората биле сместени неговите соработници. Другите две бараки биле наменети за амбуланта, болнички простории и за придружните здравствени служби. Со текот на времето каналот што го издвојувал островот од западниот брег на реката бил насипан и на тој начин станал составен дел на левиот брег на реката Црн Дрим.

Reportaza105-7

Никола Незлобински почнал со следење, систематско запознавање и проучување на здравствените и хигиенско-санитарни услови во Струшко и, врз основа на добиените сознанија, се покажало дека дури 50 проценти од населението во Струга и од околните полски села што се наоѓале во непосредна близина на Струшко Блато, боледувало од маларија. Маларијата била причина и за големата смртност кај децата, а особено кај доенчињата. Болеста предизвикувала немоќ на организмот кај возрасните, при што се губел имунитетот и многу често го напаѓале други болести, а најмногу туберкулозата.

Поради тоа д-р Никола Незлобински презел конкретни мерки, подготвил и формирал Антималаричен диспанзер, односно Маларична станица, како што ја нарекувале луѓето од овој крај. Потоа во рамките на диспанзерот, формирал и отворил стационар, односно болница, со што станал основоположник на првата здравствена институција во Струга и во Струшко.

Reportaza105-8

За работа во болницата докторот Незлобински ги ангажирал своите соработници. Георги Рудњев бил задолжен да ја води лабораторијата и да работи како лаборант, додека Михаил Макаров добил ангажман како болничар, ракувач и одржувач на опремата со која набргу докторот почнал да ја опремува болницата. Со текот на времето, д-р Никола Незлобински, во медицинскиот персонал на антималаричната станица и во болницата вклучил и кадри од локалното население.

За постигнатите резултати во искоренувањето на маларијата д-р Никола Незлобински во 1929 година бил одликуван со орденот „Свети Сава“ од четврти ред и истата година е прогласен за почесен граѓанин на Струга.

Роден и израснат во крај со големи природни убавини, д-р Никола Незлобиски бил одушевен од природата околу Струга, околните планини, сливовите на реките Црн Дрим и Радика со живописните клисури и планинските масиви, кои го фасцинирале овој голем љубител на природата, Охридско Езеро, кое му станало секојдневие и со својата флора и фауна му давало вдахновеност и го импресирало.

Иако приоритет на неговата работа во Струга било искоренување на маларијата, нејзините причинители и пренесувачи, за чијашто посветеност и студиозност говори и значајната студија за лентоидните паразити, која по препораките и позитивните рецензии била објавена во угледниот годишник „Глас српске краљевске академије“. Своите истражувања ги спроведувал околу градот и неговата поблиска околина, тогаш мочуриште познато и како Струшко Блато, каде што имал можност да ги согледа богатството и разновидноста на живиот свет настанат во него. Тоа ја разбудила неговата страст и пасионираност од младоста кон природата и животните и за кусо време создал мошне убава сопствена збирка од препарирани животни. Уште во 1926 година, во една од бараките во која живеел,  д-р Никола Незлобински приредил изложба на која ги презентирал препарираните експонати. По тој настан збирката на д-р Никола Незлобински многу бргу се збогатувала со нови примероци.Така во краток временски период, бројот на експонати се зголемил и во 1928 година д-р Никола Незлобински, во една од бараките на болницата, збирката ја поставил како постојана музејска поставка и со тоа го втемелил Природонаучниот музеј во Струга и музејската дејност во Македонија.

Reportaza105-10

Во 1938 година д-р Никола Незлобински повел иницијатива за изградба на нова, посебна музејска зграда, за која самиот ги подготвил плановите, а објектот, со помош на граѓаните, бил изграден следната година. Веднаш потоа д-р Никола Незлобински го изработил ентериерното решение за експозицијата на музејската поставка. Така, во 1938 година поставката била готова, а со тоа и музејот бил отворен за прием на посетители.

Reportaza105-9

Уште во 1937 година, со уверение на кралските власти на тогашна Југославија, на Музејот во Струга му се признал статусот на научна институција, односно тој станал Природонаучен музеј. За време на војната окупаторот целосно ја презел, ја приспособил и ја користел за свои потреби. Д-р Никола Незлобински заедно со стружаните не дозволил да пропаднат музејските експонати, кои веќе претходно биле спакувани во сандаци и сокриени во околните куќи.

Во воената 1942 година, на 17 мај, д-р Никола Антонович Незлобински ненадејно починал, најверојатно како последица на срцев удар. Граѓаните на Струга, со длабока тага, му организирале достоен погреб и се простиле од него. Неговата сопруга, Софија, го надживеала својот сопруг цели 15 години и по војната работела како наставничка по руски и по француски јазик и музика. Гробот на почесниот граѓанин на Струга, д-р Никола Антонович  Незлобински и денес се наоѓа во алејата на заслужните граѓани на градските гробишта во Струга.

Во знак на благодарност кон човекот што го создал, организирал и промовирал, Музејот во Струга го добива неговото име и се нарекува Народен музеј „Д-р Никола Незлобински“. Со текот на времето Музејот се развива и денес располага со три објекти во кои се сместени и работат следниве одделенија: природонаучно (зоолошко и ботаничко), историско, археолошко, етнолошко одделение и одделение за ликовна уметност со галеријата на Вангел Коџоман.

Reportaza105-11

Спомен-собата на Никола Незлобински ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која истакна дека музејската поставка го отсликува богатото творештво на Незлобински, еден од основоположниците на музеологијата.

– Легатот на д-р Никола Незлобински, кој е денеска пред нас, е една исклучителна вредност преку која се претставени професионалниот и личниот ангажман на д-р Незлобински во Струга. Во спомен-собата се презентирани 12 изложбени паноа и преку 100 негови лични предмети, микроскопи и други алатки за работа, документација за основањето на музејот, негови одликувања, портрети и многубројни фотографии, кои Незлобински лично ги направил со својот фотографски апарат, на кои се претставени автентични мотиви од Струга – истакна Канческа-Милевска.

– Изминатите години се работеше и научно се третираше, а сега, на мое големо задоволство и на задоволство на сите нас, посебно на стружани, имаме можност да го видиме во една извонредно замислена експозиција, каде што се поставени 12 паноа на кои е изложен целиот животен пат, сите предизвици, но и големи успеси што Никола Незлобински ги оставил во Струга – нагласи Сашо Цветковски, директорот на музејот.

Музејот во Струга е една од ретките институции од овој профил во нашата земја, која може да се пофали  со богат историски, етнографски материјал, збирка на повеќе од 8.000 археолошки предмети, 12.000 предмети природно-научен материјал, носии, фотографии и филмови, богата нумизматичка збирка што го раскажува богатиот културно-историски развој на Струга.

Преку поставките и преку проектите што се реализираат во овој Музеј, околу 12.000 домашни и странски посетители годишно учат за ендемските видови, но и за историјата и за богатото културно наследство на струшкиот регион и пошироко.

 

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 105. број на неделникот „Република“, 5.09.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top