Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Град Скопје сообраќајната полиција изврши увид на вкупно 11 сообраќајни незгоди од кои во две со тешки телесни повреди се здобиле двајца возачи на мотоцикли, во три полесно се повредени двајца возачи и еден пешак, а шест се само со материјална штета.
Првата сообраќајна незгода со потешки повреди се случила во 15 часот и 10 минути на крстосницата меѓу улиците „Владимир Полежански“, „Дрезденска“ и „Франк Рузвелт“ во која учествувал мотоцикл со унгарски национални ознаки, управуван од државјанин на Унгарија. Тој од непознати причини изгубил контрола врз мотоциклот, паднал на коловозот и се здобил со тешки телесни повреди.
Втората незгода се случила во 18 часот и 20 минути на крстосницата меѓу улиците „Владимир Комаров“ и „Коста Новаковиќ“ во која учествувале патничко моторно возило „шкода октавија“ со скопски регистарски таблички, управувано од граѓанин на Скопје и мопед, со скопски регистарски таблички, управуван од граѓанин на Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мопедот.
Според евиденцијата на сообраќајната полиција, случени се уште две незгоди со мала материјална штета во коишто е пополнет Европскиот извештај.
Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се пет возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, четворица возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, 21 возач не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, од нив 13 се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место, седум возачи кои не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците и 27 возачи кои ги управувале своите возила по истекот на важноста на сообраќајната дозвола или без возачка дозвола.
Со помош на специјалното возило „пајак“ отстранети се 79 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.