Повеќе од 300 компании со разновидна програма од градежништвото ќе се претстават на десеттото издание на Меѓународниот саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација, кој ќе се одржува од утре до 9 март на Скопски саем. Паралелно со најголемиот деловен настан од областа на градежништвото, Скопски саем ќе биде домаќин на третиот Саем за недвижности и инвестиции „Риал експо“.
Меѓу најавените компании на Саемот за градежништво, годинава со зголемен капацитет од 10 проценти, дел ќе изложуваат првпат, а дел по неколкугодишно отсуство повторно се враќаат во халите на Скопски саем. Покрај домашни, на саемот ќе има компаниите од Србија, Турција, Италија, Словенија, Косово, Германија…
– Саемот за градежништво и оваа година ќе понуди богата програма од градежната индустрија, а капацитетот е зголемен за 10 проценти во однос на минатата година. Ќе се промовираат, нудат и продаваат производи и услуги за работа, одржување, модернизирање, реновирање и опремување објекти и имоти, а сето тоа ќе привлече експерти од областа на градежната индустрија, кои ќе дискутираат и склучуваат зделки во кои ќе ги вклучат и новите трендови во повеќе категории – изјави oперативниот директор на Саемот за градежништво, Валентина Димитрова.
Карактеристика на Саемот за недвижности, пак, ќе биде најавената понуда од инвеститорите на 1.500 нови станови. На штандовите ќе се вршат промоции на нови објекти и ќе се промовираат поволните услови за купување станови преку проектот „Купи куќа, купи стан“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.