| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Грција има две позиции, една официјална, една неофицијална

„Лидерот на СДСМ нема сила да се соочи со притисокот од неколку луѓе, кои имаат одредени други интереси. Тој не чувствува сила, нема креативна или интелектуална супериорност и моќ да им се спротивстави на каков било начин на тие луѓе. Мислам дека ќе биде предоцна кога ќе сфати кои се нивните цели и крајни интереси“, вели македонскиот премиер во интервју за „Република“. Груевски пред една недела учествуваше на конференцијата организирана од германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, од каде што се врати со впечаток дека Германија сака да му помогне на регионот, кој се мачи со своите проблеми. И покрај статус квото со гасоводот „Јужен тек“ поради судирот во Украина, тој не се откажува од обезбедување енергетски извори што ќе ја направат земјава независна, без разлика на предизвиците со кои ќе се соочуваат регионот и Европа. Нема да дозволи некој да го злоупотреби за сопствени цели и интереси македонското мултиетничко општество, кое е наша традиција и богатство

Интервјуто со претседателот на Владата на РМ го правиме за роденденскиот број на „Република“, со кој неделникот влегува во третата година на постоење. Секако, и во период по берлинскиот самит, а во пресрет на идната оцена на Европската комисија.

 

Неодамна заврши берлинскиот самит, за него имаше различни очекувања и анализи, кои одеа од една до друга крајност. Таму се случија три панели посветени на економијата и на политиката, средби зад затворени врати, декларација толкувана како четири задачи за регионот. Но што, всушност, донесе Берлин?
Груевски: Чувството е дека Германија како предводник и ЕУ би сакале следните четири години, кога веќе официјално објавија дека нема да има проширување, да посветат повеќе внимание на регионот во смисла на две работи: прво на решавање на крупните прашања во различните држави во регионот и второ на економијата, вклучувајќи ги инфраструктурата и енергетиката, како и инвестициската клима.

Во делот на крупните прашања, секоја држава има по некое. Србија и Косово во делот на довршување на договорот, вклучително и меѓусебното признавање и отворање амбасади, кај Македонија е прашањето со јужниот сосед, за БиХ е прашањето со Уставот и да почне да функционира државата бидејќи се говори дека државата е нефункционална, има одредени прашања и кај другите, на пример Хрватска нема договори за границите со речиси сите соседи, освен со Унгарија, така што секаде има по некое крупно прашање што треба да се разреши, а Германија сака да стави акцент на сето тоа.
Мислам дека тоа го стимулираат и САД, односно стимулираат посилна улога и активност на Германија и на ЕУ во регионот.

Во економскиот дел, идејата е да им се даде поголем импулс на земјите од Балканот, кои имаат економски проблеми и назадувања, со цел кога ќе дојде време за пристапување кон ЕУ, земјата да задоволува некои проценети економски стандарди за да биде дел од Унијата. Останува да се види како ќе го прават тоа, ако планираат да го прават само преку заеми, мислам дека ќе биде мала поддршката бидејќи повеќето од овие земји имаат проблеми со задолжувањето. Лимитите за задолжување им се веќе надминати. За среќа, Македонија не е во таа група, но Словенија, Хрватска, Србија и, веројатно, и другите или се многу блиску или ги имаат надминато лимитите за задолжување. Доколку се работи за грантови од проектите на ИПА, тие и досега постоеја и не се некоја новина. Па ќе чекаме што ќе излезе, дали некоја нова иницијатива во однос на поддршката или комбинација или зацврстување на постојните, како што сѐ погласно се говори, тоа допрва треба да се види.

Во делот на енергетиката, познато е дека ЕУ сака да отвори повеќе можности за гасоводите, за можностите за гас, така што, веројатно, тука ќе се обидат да дадат повеќе можности за земјите од регионот за да не бидат зависни само од еден извор.

Во делот на инфраструктурата, во смисла патишта, железници, развој на цели мрежи на инфраструктура, посебно преку регионални проекти за меѓусебно поврзување, исто така, се бара соработка и напредок, а и се чини дека ќе се обрне посериозно внимание и ќе има поголема поддршка од ЕУ.

Некаде владеењето на правото е главната пречка да почнат да доаѓаат инвеститори.

На вечерата со германската канцеларка, во последната фаза од вечерата, која беше послободна, бидејќи претходно беше со службени излагања на учесниците, имаше едно прашање од еден од учесниците од регионот, кој ја праша: „како се чувствувате кога ние седиме до вас, осум држави, знаете дека очекуваме помош од вас, дека бараме да ни помогнете и финансиски, економски и политички, како од најсилните држави во Европа, а од друга страна знаете дека имаме проблеми, па какво е вашето чувство?“ Тоа беше неочекувано прашање за неа, но даде еден интересен одговор. Се наврати на периодот кога таа била во Источна Германија, кога се уривал Берлинскиот ѕид, со што сѐ се соочувале тие и како размислувале, за на крај да ја каже поентата дека е свесна дека не ни е лесно, но и дека нема да ни помогне само со сочувство или со сожалување, тука само ако постојано бара побрзо завршување на реформите што треба да направат една подобра ситуација во државите во нашиот регион. Ќе се бара од сите држави да завршат повеќе реформи во делот на детектираните слабости и ќе се обидат да помогнат во тој процес.

 

Nikola-Gruevski-int105-3

Тоа што произлезе како декларација од Берлин, ќе провејува низ ова интервју. На пример, делот што се однесува на опозицијата, дека мора да може и мора да сака да биде дел од институциите, да биде дел од политичката дебата. Ќе биде ли тоа разбрано како што треба или ќе се остане на веќе познатата реакција дека било порака до Вас да ги прифатите нивните барања, услови за дијалог?
Груевски: Во декларацијата има јасно напишана една и единствена реченица на оваа тема, дека се очекува од опозицијата своето дејствување и активности да ги прави во парламентот. Мислам дека тоа е многу јасна порака за позициите на ЕУ во однос на дејствувањата на некои опозициски партии во некои од државите, вклучувајќи ја тука и Македонија. За тоа како треба да ја водат својата политичка борба, легитимна политичка борба, без условувања и без дилеми во тој правец. Така што ако некој имал дилема каква е позицијата на ЕУ, а мислам и пошироко на западот по однос на тоа прашање, тоа е јасно. Борбата на опозицијата треба да се сведе во парламентот, а не надвор од него. Не може опозицијата да очекува дека со бојкот на парламентот или со излегување од парламентот ќе добие некаква меѓународна поддршка. Мислам дека македонската опозиција во тој поглед има нереални очекувања дека со отсуство од парламентот прво ќе предизвика симпатии кај граѓаните, а потоа и поддршка од меѓународната заедница. Симпатии кај граѓаните нема да предизвика затоа што граѓаните добро ги познаваат состојбите во Македонија и се свесни дека мотивите заради кои опозицијата излезе се нереални, не се базираат на вистинити искази од нивна страна – нивните искази беа дека изборите се нереални, дека резултатите од изборите се фалсификувани, дека немаше фер и демократски избори и дека како резултат на тоа тие го напуштаат парламентот. Всушност, на секој што добро ја следи политичката ситуација во Македонија му е јасно дека излегувањето од парламентот беше алиби на претседателот на СДСМ да се задржи на претседателската функција во партијата. Тоа го заврши, се задржа на таа функција и сега бара начин или нема начин како да се врати, или не може да најде начин како да се врати во парламентот бидејќи потребна е една преодна фаза од таа негова цел до враќањето во парламентот. Како ќе го изведе тоа, дали ќе го изведе тоа, не можам да коментирам, не е моја работа. Гледам дека таму во опозицискиот блок има натпревар во правец на тоа кој ќе биде потврд. Тој натпревар е меѓу оваа групација блиска до Зоран Заев и меѓу групацијата, да речеме, блиска до Црвенковски, иако и двете имаат иста цел и слично менторство. Битката е кој е потврд и кој ќе се покаже потврд и мислам дека со една голема брзина одат со глава в ѕид. Не знам само кој попрво ќе стигне да удри со глава в ѕид, меѓутоа тоа ќе биде со една сериозна сила, тоа удирање со глава в ѕид, но ќе биде доцна кога ќе го сфатат тоа. За жал, притоа ќе направат штета и за Македонија.

 

Пред точно една година беше објавена една вест што вели: „Заев ги моли пратениците да се вратат во парламентот, тие одбиваат“. Некако историјата ни се повторува во многу куси периоди, до кога?
Груевски: Според мои информации, Заев во 2013 година беше за враќање во парламентот, односно против бојкот на изборите. Беше за излегување на избори, да не се бојкотираат, затоа што во тој момент тоа нему му одговараше. Тој чувствуваше дека има добри шанси да победи во Струмица и тогаш имаше други аргументи. Сега, кога му требаше алиби да остане претседател на партијата, демек изборите биле нерегуларни инаку ќе победел, па потоа му се испушти во една пригода дека и да биле регуларни изборите, според негово мислење, нели, тргнувајќи од неговата теза дека изборите биле нерегуларни, дека и да биле ќе загубеле ама со помала разлика. Практично се гледа дека и самиот тој не верува дека изборите биле нерегуларни, тој е свесен дека беа регуларни, но заради неговата лична политичка битка и кариера му беше потребно алиби, а тоа алиби го најде во тоа дека изборите биле нефер и затоа ја отера целата своја партија надвор од парламентот. Пратениците ги отера надвор, иако, јас колку што знам, голем дел од пратениците таму би сакале да се вратат во парламентот.
Заев води една битка на која, по мое мислење, големо влијание имаат неколку личности, кои, се чини, доминираат над претседателот на таа партија, тие се во уредништвото на некои опозициски медиуми финансирани од Соросовиот институт, во универзитетите, и понекогаш не е тешко да се претпостави што ќе каже господинот Заев ако претходно добро се следат два-три лика што се долго заедно со СДСМ, некои формално, некои неформално. Нивните колумни или искази во медиумите се водилка на Зоран Заев. Така што, јас, на пример, кога отидов на средбата со него последниот пат, во јуни или јули, утрината и претходниот ден ги прочитав ставовите на неколку луѓе со кои тој, очигледно, нема сили или капацитети да излезе на крај, и 90 проценти имав конципирано што да очекувам од таа средба. Тоа не е самостојно водење на партијата и на политиката, тоа е водење под притисок на неколку луѓе што си имаат одредени интереси, кои си работат по тие интереси, но, очигледно, претседателот на таа партија си има проблем да се соочи со тие луѓе и ако тргне во друг правец тој не знае како да одговори. Тој не чувствува сила, нема креативна или интелектуална супериорност и моќ да се спротивстави на каков било начин на тие луѓе. Мислам дека ќе биде предоцна кога ќе сфати кои се нивните цели и крајни интереси. Сега тој, во извесна смисла, е и зависен од нив, тие имаат или се блиски до луѓе што располагаат со фондови преку кои финансираат новинари, медиуми, квазиинтелектуалци, имаат своја мрежа на активисти и влијание, свои инспиратори. И тоа е еден од неговите проблеми, но и од проблемите на СДСМ. А тие проблеми, за жал, може да ѝ предизвикаат проблеми на Република Македонија, со отсуство на опозицијата од парламентот, со стимулирање деструктивни потези и слично.

 

Nikola-Gruevski-int105-2

Во голем дел од регионите во Македонија се засилуваат странските инвестиции. Влегоа многу компании, оди ли сега полесно работата со привлекување на странските инвеститори?
Груевски: Сѐ полесно и полесно оди и ќе оди и тоа од неколку причини. Прво, искуството на тимот за инвестиции е поголемо отколку што беше пред пет-шест години. Второ, сѐ повеќе е раширен гласот за Македонија меѓу странските инвеститори. Секоја година повеќе компании дознаваат за нас. И преку нашите роуд-шоуа, и преку директните контакти на тимот за инвестиции со претседателите на компаниите и преку медиумските реклами што ги правиме на „Си-Ен-Ен“ и на други меѓународни медиуми, но и од уста на уста. Кога една компанија ќе дојде тука или ќе дојде на наше роуд-шоу, па ќе раскаже што слушнала на друга. Можеби тоа е и највредно, од уста на уста. Така што интересот е сѐ поголем. Јас се сеќавам, во последната кампања на изборите најавив конкретни десетина имиња и еве ги една по една веќе сите потпишуваат договори и најавуваат месеци кога ќе ја почнат градбата. Последна беше „Енергија“ од Украина. Со некои веќе договоривме датуми, крајот на септември, октомври, така што работите се движат во добар правец.

 

Сето тоа заедно со зафатите во земјоделството, субвенциите, ги подобрува условите за живот, а со тоа се создаваат услови и за подобрување на демографската слика.
Груевски: За нас е многу важно и многу се трудиме колку што е можно да има поголема дисперзија на инвестициите, да не се концентрираат само околу Скопје, туку да одат и по региони, да одат во Битола, во Тетово, во Прилеп, во Штип, во Струмица, во Кавадарци, во Велес, во Гевгелија итн., за да можат луѓето што живеат во тие региони да си ја најдат својата среќа таму каде што живеат, да не бидат присилени да се преселуваат да се отселуваат и својата заработка и среќа да ја бараат во други места независно дали во Македонија или надвор од Македонија. Ние секогаш кога можеме да убедиме некој инвеститор да инвестира надвор од Скопје, го правиме тоа. Меѓутоа не секогаш инвеститорот нѐ слуша нас. Ниту, пак, можеме да му вршиме преголем притисок бидејќи тоа може да го поколеба и да ја напушти Македонија, односно да инвестира во друга држава. Меѓутоа, до тој степен до кој можеме да укажеме, а тоа да не биде сфатено како притисок или како мешање во неговите работи, укажуваме дека ние би биле посреќни ако некоја инвестиција со голем број вработувања отиде во регионите низ Македонија. И тие го знаат тоа, тоа е така во секоја држава, особено во Југоисточна Европа, каде што има концентрација на инвестиции околу главните градови. Инвеститорите се свесни за тој проблем во овие земји, но не секогаш можат да го направат тоа. Не секаде има обучена работна сила, на пример за електроника. Ние се обидувавме една фирма за електроника да ја упатиме во некој од регионите во Македонија, но тие велат дека такви информатичари и електроинженери во доволен број имаме само во Скопје. „Ние не можеме да отидеме во друг град и да немаме кого да вработиме или да треба трипати повеќе да му плаќаме некому за да се пресели од Скопје во друг град“. И тука веќе нема разговор, кога станува збор за висококвалификуван кадар. Инаку и ним им е подобро да отидат низ Македонија бидејќи таму наоѓаат малку поевтина работна сила отколку во главниот град. Така што заеднички интерес е да се оди во внатрешноста. Но не е секогаш возможно поради компетициите, поради доволно високообразована работна сила во делот што им е потребен. Можеби во некој регион има доволно високообразoвана работна сила, но не токму во тој дел што им треба.

 

Во потребите на странските директни инвестиции, секако, меѓу најважните се инфраструктурата и достапноста на енергенти. Македонија одеднаш работи на три автопатишта, регионални патишта, се работи на железницата, гасификацијата за стопанството, но и за домаќинствата, што е важно со либерализацијата на енергетскиот пазар. До каде е сето тоа?
Груевски: Во однос на гасификацијата имаме повеќе нивоа – едното е примарното, цевките од град до град. Второ е секундарното – односно инсталацијата во градот. Третото е доток на гас во земјава. Тоа, можеби, е и прво, а не трето.

За примарната гасификација ние сме во преговори со ЕБРД. Начелно, усно имаме добиено потврда дека ќе се одобри заемот за градба за примарен гасовод од град во град. Тоа во секоја земја го прави државата и не се дава да го прават концесионери. Инаку постојат концесионери што веднаш би го направиле, но вообичаено е државите да го прават тоа сами заради некоја своја независност во енергетиката итн., но независно од причините тоа го прават сами за примарната гасификација. И освен делот меѓу Куманово и Штип, кој очекуваме да се затвори со враќањето на долгот од Русија, стариот долг од СССР кон Македонија, а тоа е делот од Клечовце, Кумановско, до осум километри по Штип, другиот дел од примарниот гасовод треба да се направи преку финансирање од ЕБРД и тоа приближно, сѐ уште не е точно дефинирано, ќе чини околу 300 милиони евра. И веќе долг период сме во разговори со нив и очекувам и се надевам дека во наредните месеци ќе се привршат тие разговори и ќе се пристапи кон потпишување договор.

Во однос на секундарната, веќе е објавено дека за Скопје е при крај тендерот за концесионер што ќе ги поврзе цевката до Скопје со сите фабрики и домаќинства. За источна и за западна Македонија неодамна беше објавен оглас за концесионер и очекуваме и тука да има голем интерес. Така што, очекувам во наредните две до три години да се заврши оваа работа и да се изградат и примарната и секундарната мрежа.

 

А што е со тоа што значи обезбедување нови количини гас во земјава, односно приклучок кон глобалните гасоводи и иницијативи за гасоводи?
Груевски: Во однос на обезбедување поголеми количини гас, ние бевме насочени кон две можности, а сега разгледуваме и повеќе. Едната можност е проектот „Јужен тек“, проект што во моментов е во „стенд бај“ поради политички проблеми меѓу ЕУ и САД од една страна и Русија од друга, а поврзани со Украина. Тој проект во моментов е во мирување, а дали ќе се реализира или не не зависи од нас бидејќи се работи за поголеми геополитички интереси на кои Македонија не може да има влијание. Доколку работите одат во лош правец во тој контекст, нема да се реализира, доколку, сепак, се најдат некои договори и решенија меѓу големите сили, тогаш, веројатно, ќе се најде решение и за ова прашање и ние би се вклопиле во сето тоа.

Вториот проект што го разгледуваме е проектот ТАП, азербејџанскиот гас. За него јас разговарав и со претседателот на Азербејџан кога бев во Баку пред една и пол година, и со премиерот и со министерот за развој бевме на ручек, а, исто така, и со сопствениците на компанијата СОКАР, која ќе го гради овој гасовод. Компанијата подоцна испрати и свои претставници во Македонија, имавме разговори, значи тие се отворени, нема никакви проблеми со нив. Но проблемот со тој гас е што ќе стигне доцна во Европа, некаде во 2022/2023 година. Односно, ќе стигне гасоводот во 2021 година, но за првите две години веќе се распродадени количините гас, значи количини гас за Македонија би имало најрано 2023 година, доколку нема доцнење на овој проект.

Во меѓувреме, разгледуваме и други варијанти за други гасоводи. Приклучување на интерконективниот гасовод меѓу Романија и Бугарија е едната опција, а втората опција е да се повлече цевка од Грција. Тие имаат изградено цевки некаде до 30-ина километри до нашата граница, што значи ние би требало да изградиме цевка во Грција до нашата граница и во нашата земја, до каде што е потребно за да се повлече течен гас од атинското пристаниште каде што го носат со бродови. Тоа е малку поскап гас од другиот, кој се носи со примарниот гасовод, но во даден момент може да заврши многу работа. Во овој контекст, немаме проблем со Грција. Таа не го сопира ова, дадоа изјава дека нема никаков проблем да се заврши таа работа, така што со нашиот економски тим сме во комуникација со сите овие земји што ги споменав и наскоро треба да донесеме одлуки која ќе биде нашата прва наша опција, втора опција итн. Така што засега со овие количини гас што ги добиваме немаме проблем на краток рок, но на подолг рок, кога ќе се изгради целата гасоводна мрежа низ Македонија – и примарната и секундарната – би ни требале дополнителни количини на гас. И тоа што го работиме е за следните пет-шест години да немаме проблеми со количини гас.

 

Nikola-Gruevski-int105-5

Да се вратиме на Берлин. Неговата првична цел беше придвижување на евроинтеграциите, за Македонија е јасно, по неколкуте препораки за почеток на преговорите, пред нив стои само инаетењето на Грција. Колку ваквите самити можат да потпомогнат кон надминување на разликите за името со Грција?
Груевски: Ќе видиме. Тешко е да се каже. Грција има позиција која од една страна е официјална, а од друга е неофицијална.Нејзината официјална позиција е дека сака да го реши спорот, но дека има определени услови за кои знае дека нема да може да поминат во Република Македонија. И условите се затоа направени така, за да не поминат. Но, не велат дека не сакаат да го решат или дека не можат да го решат или се против решавање или слично. Не, реториката е сакаме да го решиме, ама ако владата ги прифати овие услови, за кои однапред знаат дека која било влада во Македонија нема да ги прифати.

Нивната неформална позиција, односно тоа што го знаат државите што се членки на ЕУ и сите други што се вклучени во проблемот како олеснувачи, е всушност дека сега не се во можност да го решаваат ова прашање.

Односно дека имаат премногу внатрешни политички и финансиски проблеми за да влезат и во една ваква варијанта на решавање на ова прашање и дека во овој период не треба да се бара тоа од нив. Од друга, страна не се ниту подготвени да дадат некоја можност Македонија да оди напред во евроинтеграциите.

Тие го одложуваат решавањето на спорот, колку свесно заради лукративни цели, колку заради внатрешни предизвици е ирелевантно, барем на краток или на среден рок, но поголемиот проблем е што се однесуваат како палавото дете на ЕУ, кое ако ЕУ не му даде помош, ќе почне да крши по дома и со тоа ќе ја доведе во прашање иднината на семејството и на домот.

Ние сме изморени од тие игри на меѓусебни обвинувања што ни ги наметнуваат, да се занимаваме со лаги од типот дека сум се сретнал со Фидел Кастро, како што се ширеле во некои центри пред неколку години, а јас истиот ден бев на состанок со Филип Рикер во Скопје, на пример, и слични меѓусебни обвинувања, кои не нѐ водат никаде, а најмалку кон решение. Ние сме подготвени за решение, имаме јасно изразени принципи и позиции, и веруваме во нивната исправност, а поткрепа ни е и народот на нашата земја. Ние сакаме државата да оди напред, и ќе вложуваме напори да се најде решение, но во контекст на кажаното, потребен е фокус и на другите земји од меѓународната заедница за да се одбегне статус квото да прерасне во опасност за регионот.

 

Украина покажа дека крутоста и тромавоста на администрациите и на НАТО и на ЕУ може да предизвикаат проблеми и притисок во однос на границите на организациите, во насока дека треба да покажат поголема отвореност и да се сменат некои правила. Може ли да сметаме на тоа?
Груевски: Засега нема некои најави дека украинската криза прави некакви поместувања во однос на однесувањето на големите сили по ова прашање бидејќи тие на проблемот гледаат со поинакви очи од нас. Тие сметаат дека Грција е во преголеми финансиски проблеми и од тие проблеми зависи и судбината на еврото, а тоа е директно поврзано со нивната економска и монетарна судбина. И пред сѐ и над сѐ го ставаат проблемот со еврото и разрешување на кризата и реформите во Грција. Нивната процена е дека тие вршат голем притисок врз Грција во правец да ги придвижи реформите и да стане самоодржлива и дека дури и тој притисок не можат да го реализираат до крај бидејќи сметаат дека ако го реализираат до крај, и без притисокот за името, може да дојде до пад на грчката влада, па да дојде друга влада, која би била поризична од аспект на економските реформи и задржувањето на еврото. Што значи, дури и притисокот што го вршат за реформите во Грција е дозиран и не е целосно реализиран за да не ги наруши политичките односи во земјата, па, како што понекогаш знаат да кажат, да дојдат на власт анархистите, како што ги нарекуваат членовите на партијата СИРИЗА, со кои им е непредвидливо што ќе се случи со еврото, евентуалното враќање на драхмата и слично, иако и тие, во меѓувреме, се придвижија, дојде до приближување на нивните ставови. Е сега, во една таква ситуација, некои од нив знаат да кажат, кога ние не ги притискаме до крај за ова што нам ни е најбитно, не очекувајте дека ќе ги притискаме за вашето. Бидејќи и вашето може да води кон влошување на состојбата во таа земја. Со други зборови, тоа е главната причина што Грција во моментов нема некој посериозен притисок за решавање на овој проблем. И тоа е чисто заради интересите на државите од ЕУ. Значи, тие тргнуваат од својот интерес, што е нормално. А нивниот интерес број еден е да се зачува еврото, Грција да ги реши економските проблеми, да стане самоодржлива, да ги враќа долговите и еврото да биде стабилно. Стабилното евро значи стабилност на монетарната унија, на Европа и на ЕУ. Тоа е број еден. Откако ќе се реши тоа, ќе може да решаваат други прашања.

 

Nikola-Gruevski-int105-4

Меѓу забелешките за почнување преговори беше и таа на Софија со барањето за добрососедство.
Груевски: Претседателот на Бугарија, господинот Плевнелиев, кажа дека Македонија не е подготвена да го потпише договорот со текст идентичен како декларацијата што истече во 2009 година, а беше потпишана во 1999 година, со рок на важност од 10 години. Претседателот Иванов одговори дека Македонија е подготвена и дојдоа сигнали дека тоа е во ред и дека ќе се потпише. И сето тоа се одложи за по изборите во Бугарија. Очекувам по изборите во Бугарија договорот што го договорија претседателите Плевнелиев и Иванов, а тоа е потпишување на договорот со истиот текст од Декларацијата, да биде реализиран.
Ние сакаме да имаме одлични односи со Бугарија и да продолжиме во еден дух на силна меѓусебна соработка и почитување.

Го охрабрувам дијалогот и позитивните трендови што почнаа преку гестовите на Иванов и на Плевнелиев. Тоа е одлична база за продолжување на динамичен дијалог по веќе воспоставените принципи и практика, кој ќе произведе едно заемно решение за продолжување на воспоставената практика.

Бугарија нема ниту една причина да се сомнева во пријателството на Македонија, и во тоа јас сум убеден, а времето ќе го потврди.

 

Изминатиот период имаше многу искри, кои би го нарушиле меѓуетничкиот амбиент во земјава, и очите беа вперени во издржливоста на владината коалиција, која се чини дека ги надмина сите тие игри било тоа да се случувањата на Бит-пазар било да е Ѓорче Петров.
Груевски: Македонија е земја што е мултиетничка и, за жал, некогаш се случуваат тензични состојби на меѓуетничка база. Секоја мултиетничка земја повремено се соочува со помали или поголеми тензии на различните етнички заедници. Овој пат, последната беше повеќе од радикално-верски карактер, не беше етничка. Меѓутоа, организаторите се обидоа да ѝ дадат етнички предзнак бидејќи чувствуваа дека на тој начин ќе привлечат поголема масовност. Како што нагласив, се работеше за активности на верски радикали, кои се обидоа да извршат дестабилизација обидувајќи се да го убедат албанското население во Македонија дека поради етничкиот предзнак одредени луѓе добиле затворска казна. Не поради тоа што се обвинети, туку затоа што се Албанци, што е далеку од вистината. Можеби во еден момент дел од Албанците поверуваа во тоа, меѓутоа убеден сум дека како што минува времето ќе сфатат дека биле предмет на манипулација на определена група луѓе, која, сигурно, не работи за интересите на Македонија, ниту, пак, за интересите на Албанците и на Македонците во оваа држава.

Многу работи ни се случија во цел овој изминат период од осамостојувањето, па до денес. Многу сме поминале, и лошо и добро, јас сум убеден дека имаме заедничка иднина и нема да дозволиме мултиетничкото општество, кое е наша традиција и богатство, некој да го препознава како потенцијална опасност и да го злоупотребува за секакви цели и интереси.

 

Се наоѓаме пред донесување закон со кој ќе се казнува учество на македонски државјани во паравоени структури во странство бидејќи тоа со што се соочуваме е учество на македонски државјани во конфликтите на Блискиот Исток и тоа на страната на ИСИС и на ИДИЛ, блиски до Ал Каеда. Мислите ли дека тоа ќе влијае врз ваквите верски поттикнувања, кои ги споменавте сега?
Груевски: Настаните што се случуваат во последните години го налагаат тој закон. Лошо е што граѓани, државјани на Македонија одат и војуваат во туѓи војски. Потоа се враќаат како агресивни луѓе, луѓе што навикнале да убиваат, да пукаат, да уништуваат, да палат, луѓе што навикнале да бидат во опасности, во ризици и огромна е опасноста тие луѓе потоа да продолжат да го применуваат тоа и во Македонија.

Дали ова ќе се реши со закон, времето ќе покаже. Колку законот ќе има влијание на тие луѓе, колку ќе може да се регистрира нивното заминување, бидејќи тие луѓе не заминуваат директно со авион од тука во Сирија, заминуваат во друга држава, па од таа во втора, па во трета и не може да им се влезе во траг, па заминуваат на боиштата, тоа времето ќе покаже. Можеби ќе треба нови приспособувања на законот, во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата и во зависност од тоа какви слабости ќе се детектираат во откривањето и во докажувањето дека некој учествувал во конфликтот. Бидејќи за да се осудат на суд и да добијат пет, седум или девет години затвор мора да се презентираат докази пред судиите. Не е доволно само да се рече „знаеме“, „слушнавме“ или „некој нѐ информираше“ пред судиите.

 

Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Интервјуто со премиерот Никола Груевски е објавено во 105. број на неделникот Република, 5.09.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top