Економистите велат дека покрај трендот на привлекување нови инвестиции, добар показател е и тоа што некои компании, кои веќе имаат отворено фабрики кај нас, се решаваат да отворат нови капацитети. Колку помага тоа во подобрувањето на имиџот на Македонија кон странските инвеститори?
Груевски: Би рекол, многу. Тоа е една од најсилните гаранции дека тоа што ние го нудиме овде во смисла на услови за водење бизнис и за реализација на инвестиции е добро за инвеститорите. Затоа и јас често кога одиме на роуд-шоуата или, пак, кога имам средби со претставници на странски компании што имаат анализи да го шират своето производство во Европа и кај кои Македонија е една од опциите, покрај тоа што ги објаснувам поволностите што може да ги добијат тука во поглед на најниските трошоци за водење бизнис, ниските даноци, добрата работна сила и слично, на крајот секогаш им велам да ги посетат странските инвеститори што веќе работат кај нас и имаат капацитети и со нив да разговараат дали ова што јас и мојот економски тим го говориме е вистина или не е. Знаете, ние како влада презентираме и образложуваме, но потенцијалните инвеститори, кои веќе работат во Македонија, може најдобро да има кажат како стојат работите. Меѓу нив нема ракавици, нема зависени форми или, пак, некакви разубавувања на состојбите, тие можат експлицитно да им потврдат дека тоа што го говориме е така. И затоа многу значаен елемент е кога овие постојни инвеститори ќе им кажат дека сѐ што зборуваме е вистина, дека условите се многу позитивни, дека немаат административни пречки и дека можат да ги добијат министрите во текот на денот, и кога ќе им кажат дека покрај првичните инвестиции, отвораат и втори фабрики, па и трети, тогаш имаме полн погодок и инвеститорите се решаваат побргу да ја донесат конечната одлука.
Во оваа смисла, имам информации од Виктор Мизо дека од една компанија, која веќе има капацитети во зоната, ни е најавено дополнително проширување на капацитетот, односно изградба на трета фаза, за што во текот на следната недела би требало да очекуваме и официјално писмо за намера. Тоа, се разбира, е добро затоа што значи и нови вработувања.
Исто така, министерот Павлески ме информираше дека се очекува една друга странска компанија, која веќе има една фабрика во Македонија, наскоро да објави проширување и во втора фабрика, односно отворање нов капацитет каде што бројот на вработени би се зголемил двојно во однос на вработените во нивната прва фабрика.
Тоа се добри вести, а, како што стојат работите со привлекување нови компании, кои досега немаат инвестирано кај нас, односно доколку би инвестирале, тоа би било прва нивна инвестиција во Македонија?
Груевски: Добро одат работите и на тоа поле. Македонија е веќе на мапата на странските инвеститори, тоа е дефинитивно. Може да кажам дека речиси секој ден, еве можеби не секој ден, ама по неколку пати во неделата, јас имам состаноци со претставници на странски инвеститори од кои некои се во финална фаза на донесување одлука, односно ја имаат Македонија како една од двете или трите конечни дестинации за реализација на инвестицијата, но имам и средби со компании што веќе донеле интерна одлука во својот менаџмент, на бордовите на директори, да реализираат инвестиција кај нас. Сѐ уште ги немаат објавено тие детали во јавноста и ние, секако, ги почитуваме тие деловни правила. Но, можам да кажам, или да скицирам околу оваа тема неколку податоци, кои, од една страна, нема да ја загрозат бизнис-етиката и деловната доверба што ја имаме со овие компании, но, од друга страна, ќе значат нови позитивни вести за нашите граѓани и за економијата.
На пример, една компанија што е сместена во Германија има интерна одлука да инвестира во ТИРЗ Скопје 2 во фабрика за производство на електрични уреди, оваа инвестиција би создала најмалку 500 работни места, од кои голем број би биле стручно образовани кадри, како инженери и други технички лица.
Глобална корпорација , компанија од САД од автомобилската индустрија, која има околу 3.000 вработени, има донесено одлука за инвестирање во ТИРЗ Скопје 1, каде веќе се резервирани и парцели со вкупна површина од околу пет хектари. Вкупната инвестиција ќе изнесува 14,7 милиони евра и планираат да отворат вкупно 417 нови работни места до крај на 2016 година.
Компанија од Турција има донесено одлука да инвестира во Македонија во капацитети за производство на прехранбени производи, кои се едни од поголемите дистрибутери на храна во Турција. Во тесен избор беа Македонија и Германија и беше решено да инвестираат во Македонија. Веќе учествуваа на јавно електронско надавање за две парцели во една општина каде што не успеаја да се здобијат статус на најповолен понудувач. Се разгледуваа и други парцели во други општини и се решија да учествуваат на ново електронско јавно надавање во друга општина, каде што надавањето е закажано кон средината на септември, за парцела со површина од околу 20.000 квадратни метри.
Американска глобална компанија од секторот за аутсорсинг реши летово да прави експанзија во Македонија. Фирмата планира во краток рок од две-три години да отвори нови 300 работни места, а во подолг рок може тоа да се зголеми до 1.000 нови работни места. Компанијата е глобална, со повеќе од една милијарда американски долари годишен обрт и има локации на повеќе места низ светот и низ Европа. Во Македонија, експанзијата ќе биде во работни места за поддршка на клиенти со застапување на западноевропските јазици, како англиски, германски, француски, италијански, па и некои од скандинавските јазици. Генерално, цел е да се вработуваат луѓе со завршен факултет, како и повратници што работеле во странство, а имаат искуство со јазици. Исто така, сѐ повеќе се обрнува внимание не само на познавањето на јазиците, туку и на технолошките вештини.
Тоа се четири нови компании што донеле одлука за инвестиција во Македонија, значи ја оцениле како најповолна дестинација за нивниот бизнис и очекуваме да објават и официјално во јавноста дека влегуваат во Македонија, што ќе го продолжи позитивниот бран, но ќе значи и нови вработувања и нови можности.
Исто така, во финални преговори сме со три глобални фирми, две американски и една германска, кои се со сличен ранг како „Џонсон контролс“, за експанзија низ Македонија. Конкуренцијата е многу агресивна, правиме напори да ги убедиме за Македонија, а локациите што се земени предвид се градови низ Македонија каде што сѐ уште имаме поголема невработеност. Овие фирми се од автомобилската индустрија и се надевам дека ќе успееме.
Има голем интерес од нови инвеститори да градат хотелски ресорти во Охрид, некои од нив треба да пуштат писмо со намери во септември.
Менаџерот на една белгиска компанија, пак, која е во деловни односи со една друга компанија што веќе има фабрика во Македонија и која е специјализирана за преработка и за обработка на метални конструкции и делови што имаат широка примена во автомобилската и во текстилната индустрија, електрониката и други типови индустрии, во изминатите три-четири месеци двапати оствари посета во Македонија и од наша страна беа понудени повеќе објекти – производствени хали, со цел за долгорочен закуп. Плановите на компанијата се закуп на производствена хала со површина од 1.500 квадратни метри, нови вработувања на околу 100 лица.
И на крај би додал дека една мешовита американско-западно европска интернационална компанија има донесено интерна одлука да инвестира во прилепско-мариовскиот регион. Инвестицијата зависи од некои регулативи што треба да се спроведат во Европската унија, на кои компанијата работи во последните две години, а во меѓувреме нејзини претставници остварија неколку подолги посети во Македонија заедно со нивните стручни тимови. Значи, имаат донесено одлука, и доколку е сѐ во ред со регулативите, тие ќе инвестираат кај нас, доколку не се договорат тие регулативи, нема да инвестираат никаде. Оваа инвестиција би имала најмалку 1.000 вработувања во Прилеп и во околниот рурален регион.
Има и други на кои во моментов не можам да се сетам со сите детали и не би ги споменувал, но, како што реков, работите одат добро и јас очекувам во идниот период да имаме нови позитивни вести во оваа сфера, која е една од најуспешните во реализацијата на владината политика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Нов закон во Франција: Казна три години затвор и 45.000 евра за секој политичар што ќе си вработи член на семејството