| четврток, 6 декември 2018 |

НАТО или Ким Кардашијан

Будимка Поповска

Будимка Поповска

Бирај!

Криза е еден вид судски процес. Зборот критичар значи судија. Грижа на совест е ден вид внатрешно судење. Личен процес на кој многумина се имуни. Најчесто од дипломатски причини.

Одговорноста се разликува од вината во квалитетот на чувствата. Одговорниот е мирен. Виновниот е прогонуван од грижата на совест, иако може и да не е крив.

Кога нешто е во криза значи не се знае дали ќе потоне сосема или ќе исплива… двете имаат подеднакви шанси и оваа еднаквост на шансите и стоење во мртва точка е кризата. Кога не се знае дали некој ќе преживее, за него се вели дека е во критична состојба.

„Нема да потоне она што тоне, ако се бори

Она што плива веќе потонало ако не знае зошто..“

Така некако беше тој романтичен стих на незнајниот јунак,  што служи како поттик за младите морнари кои само што стапнале на морската широчина, а веќе ги заплиснува бранот на неминовноста, судбината, суровоста.

Реална политика е политика што си игра со можностите како со лего коцки, и од најдобрата коцка извлекува шестоскратна полза, бидејќи на сите им дава подеднакви шанси. Логиката секогаш има најмали шанси меѓу еднаквите, бидејќи таа самата по себе е доволна и се подразбира дека е реално она што е логично. И само отпосле може да се сфати дека нешто сосема нелогично и тоа на измама, фатило корен во реалноста. Иако најпрво го третирале како коров и се обидувале да го откорнат, денес си имаме работа со закоравени традиции. Војувањето е една од нив. Учеството на РМ во воените мисии друга.

А тоа што не сакаат да ја примат во НАТО, е една од коровите – нелогичности.

И покрај тоа што војниците се едни од најдобрите, и покрај тоа што се одликувани неброено многу пати… и покрај тоа што обезглавиле којзнае колку авганстански фамилии… сепак, друго е кога убивањето се случува во име на државните интереси. Друго е кога постои алијанса, сојуз на силите. И сила на околностите позната како повисока инстанца. И кога не ти треба којзнае колку време и мозок да ја одбереш вистинската страна… не е друго кога таа страна не те ферма два посто…

Но тоа се границите на реалната политика… сила бога не моли, туку си игра со ѓаволи… а после, од играчка – плачка… и излегување од контрола…

Една е реалната ситуација во светот, со постојано одржување на пламенот на воените жаришта овде-онде. Слично како огнот на олимписките игри. Одржување на состојбата на така наречената контролирана нестабилност. Но за нас обичните смртници, факторот наречен контрола е поприлично невидлив. Или само вешто камуфлиран зад митовите познати како пентагон, кремљ, бела куќа, елисејски полиња, или триумфални порти. Или балкански куќи на страв и ужас во кои легално се шверцуваат детски органи а потоа се снимаат најдобрите реални шоуа на светот, коишто се вон конкуренција за добивање оскар.

Лекарите велатко дека кога ги гледаме вестите на ТВ, или одредени вознемирувачки видеа на интернет каналот youtube, коишто ја раскажуваат приказната за немилосрдните околности на војната, нервниот систем по автоматизам доживува стрес, и телото го излачува хормонот на стравот.

За да се спречи претерано излачување на хормонот, треба да сме свесни за една работа: сето тоа е под контрола. И тенковите, и ракетите, и пламенофрлачите, и сите фабрики за оружје, и сите силиконски долини, и исполегнатите по улиците и тротоарите случајни или намерни жртви. И војниците наголтани со дијазепами од 100 милиграми, и нивните генерали наголтани со џихадистичко-марксистички мотиви во однос на идеолошкиот бекраунгд. Плус ако добар дел од сето тоа го прават платеници… нема потреба од дополнитени објаснувања. Следи ја трагата на парите. Некој им рекол да ја сфатат војната како видео игра, ако така им е полесно.  Некој им дозволил долго време пред тоа да поминат пред компјутерскиот екран. Играјќи ги игрите на компјутер, за потоа да немаат осет за тоа што е реалност.Некој не им рекол дека тоа е првата одлика на психопатите.

На кого му е потребно излачување на чувството на страв?Некој се зафркава со приказната за негативните ентитети (вампирите), коишто прво ја надразнуваат потенцијалната жртва, и потоа кога таа почнува да умира од страв, доаѓа најслаткиот момент за гризнување…Кој го контролира тоа? Кој ги остри очниците? Чие белило светнува на полна месечина? Кој запрашува со страв и ја обележува територијата со бомби?

Длабоката убеденост дека излезот е секогаш на дофат на раката делува премногу ефтино. Излезот треба да е скап, треба да е тешко да се стаса до него……да се сменат многу закони…

Или поважна е веста за потпетиците на Ким Кардашијан?

Или за новите швајцарски драјв-ин бордели? За оние што не знаат, автомобилот ја гарантира приватноста, ако воопшто уште со тоа се занимава некој… но во секој случај, подобро со автомобил отколку со тенк.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top