Лидерите на Европската унија на синоќешниот самит во Брисел се договорија да воведат нови санкции кон Русија што ќе стапат во сила најдоцна за седум дена, освен доколку Москва не преземе чекори за смирување на украинската криза.
– Екстремно сме загрижени заради влошувањето на ситуацијата во Украина, рече претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј по маратонскиот состанок, што почна попладнето, а заврши по полноќ.
Тој изјави дека шефовите на држави и влади од ЕУ заради присуството на руските трупи на украинска територија на Европската комисија и наметнале обврска да изготви нов пакет санкции кон Русија што ќе стапат во сила во рок од седум дена доколку Москва не го промени своето однесување.
Ван Ромпуј избегна да даде објаснување за новите санкции, а не наведе ниту што конкретно ЕУ очекува од Русија за тие да не бидат воведени.
– Тоа зависи од ситуацијата на теренот, која ќе ја проценуваме секој ден, рече Ван Ромпуј.
Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо по самитот укажа дека постои контраст меѓу приказните дека Русија е подготвена на дијалог и ситуацијата на теренот, која постојано се влошува.
– Ако Русија не го промени однесувањето, ќе дојде до трајно влошување на односите со ЕУ, а тоа на никого не му е од интерес, рече Барозо и додаде дека Москва треба да мисли на стратешките последици од военото ангажирање во Украина, рече тој.
„Уште не е доцна за политичко решение, а воено решение нема“, нагласи Барозо.
На синоќешниот самит, исто така, беше одлучено актуелниот полски премиер Доналд Туск да го наследи Ван Ромпуј на местото претседател на Европскиот совет, додека шефицата на италијанската дипломатија Федерика Могерини ќе ја замени Кетрин Ештон на функцијата висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Шефовите на држави и влади, освен тоа, се согласија за серија мерки за спречување на доброволците од Европа да им се приклучат на џихадистите од таканаречната „Исламска држава“, која контролира значителни делови од Ирак и Сирија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.