
Поранешниот шеф на Ценралната разузнавачка агенција (ЦИА), Мајкл Хајден предупреди дека само прашање на време е кога милитантната исламистичка организација „Исламска држава“ ќе го нападне Западот.
Хајден нагласи дека очекува „Исламска држава“ да изврши напад врз некоја цел во САД или во Европа.
Тој во изјава за американската телевизиска мрежа Си-Ен-Ен предупреди дека нападот на таа организација е прашање на време.
– Ја изразија својата намера. Нема помоќен начин да ја искажат својата способност меѓу џихадистичката заедица од успешен напад на Запад, изјави пензионираниот генерал.
– „Исламска држава“ е мошне моќна локална организација и веројатно е моќна регионала терористичка групација. Таа има глобални амбиции и има средства, појасни Хајден.
Во безбедносните кругови се уште не постои согласност за тоа дали „Исламска држава“ во моментов е способна да нападне цели на Запад.
„Исламска држава“ во јуни го смени името. Дотогаш беше позната како „Исламска држава во Ирак и Левантот“ или „Исламска држава на Ирак и Сирија“, а нејзините припадници неодамна го погубија американскиот новинар Џејмс Фоли и чинот на злосторството го снимија и објавија на Интернет.
Поранешниот заменик-директор на ЦИА, Мајкл Морел го нарече погубувањето на Фоли прв терористички напад на таа организација врз САД.
Американската војска почна воздушни напади на упориштата на „Исламска држава“ во регионот поради, како што првично беше соопштено, заштита на американските дипломати во конзулатот во Ербил во Ирак и со цел да се спречи геноцидот на јазидската верска малцинска заедница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


