Лорд Данат, поранешен главен командат на здружените сили на британската армија, изјави денеска дека Велика Британија ќе мора да воспостави комуникација и да зборува со сирискиот претседател Башар ал Асад за да се поразат и совладаат муџахедините од Исламска држава.
– На Британија и на Западот му се потребни контакти со сириската Влада во Дамаск за да се уредат воздушни напади врз позициите на муџахедините на територијата на Сирија, изјави Данат за радио „Би-Би-Си“.
Тој вели дека британските авиони „Торнадо“, кои сега се вклучени само во извидувачки мисии во блискоисточниот регион, сега треба да се вклучат во борбените операции, бомбардирајќи ги позициите на ИД, така како што Американците сега прават во Северен Ирак.
Изјавата на поранешниот генерал Данат доаѓа непосредно по коментарите на началникот на Генералштабот на американската армија, генерал Мартин Демпси, во кои тој јавно призна дека нападите на позициите на ИД на сириска територија се неопходни за комплетирање на пресметката со муџахедините.
Повикот на Данат до британската Влада и премиерот Дејвид Камерон, претставува драматичен пресврт во позицијата на Велика Британија кон сириската ситуација.
Пред една година, Камерон не успеа да добие поддршка за планот, заедно со САД, да се бомбардираат позициите на сириската армија.
Формалниот повод за тоа беше казнувањето на Дамаск дека користи хемиско оружје во војната со бунтовниците, но воздушните напади, по углед на тие во Либија, од пред три години, требаше да им помогнат на бунтовничките сили, во кои најмоќната група беа токму припадниците на ИД, кои тогаш се нарекуваа Исламска држава Ирак и Левантот.
– Мора да ја прифатиме и сириската димензија на проблемот што се појави и кој не може да се реши само во Ирак – рече лорд Данат, сугерирајќи соработка со претседателот Асад, за да се порази ИД пред муџахедините да се рашират низ целиот регион.
Според лондонските медиуми, Западот изгледа веќе работи на вклучувањето на Дамаск во решавањето на проблемите со ИД, па францускиот претседател Франсоа Оланд, кој призна дека тајно им доставувал оружје на сириските бунтовници, сега заговара комуникација со „режимот во Сирија“.
Светот се најде соочен пред страшниот избор, меѓу борбата со Асад, за да се тргне од власт и со уништувањето на ИД, рекол Франсоа Оланд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


