| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот Иванов го прими европскиот шампион Игор Стефановски – Иџе

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го прими македонскиот автомобилист Игор Стефановски – Иџе по повод освојувањето на титулата европски шампион на ридски патеки во класата Н со што ги исполни и критериумите за добивање на признанието „спортист од светска категорија“.

idze trganje francijaИванов им честита на Стефановски и на членовите на неговиот тим за освоената титула, потенцирајќи ја важноста на тимската работа како основен предуслов за големите успеси.

– Со врвните резултати што во континуитет ве следат, ја претставувате Република Македонија во вистинското светло. Вие сте позитивен пример и мотив за голем број млади луѓе кои од вас ќе учат за спортските вредности. Ваков подвиг, во која било област, заслужува големо внимание и почит. Ви посакувам  уште многу вакви достигнувања што истовремено придонесуваат и за меѓународната афирмација на земјата, рече претседателот Иванов на средбата.

Откако заблагодари за укажаната чест, Игор Стефановски – Иџе ги сподели импресиите од освоената титула, како и предизвиците со кои се соочил на тркачките патеки.

– Гордост е за сите спортисти, а воедно и наша одговорност да ја претставиме Македонија на едно добро ниво секаде каде што настапуваме. Ова е огромна сатисфакција за нас, но верувам дека со ваквиот добар пласман ја израдувавме и целата македонската јавност, истакна нашиот најдобар автомобилист.

Игор Стефановски – Иџе и неговиот механичарски тим постигнаа историски успех во македонскиот автомобилизам. Станува збор за најпознат и најспектакуларен шампионат за ридско брзински натпревари во Европа и во светот, под покровителство на Меѓународната федерација за автомобилизам (ФИА). На шампионатот учествуваат најквалитетните автомобилисти од Европа и професионални фабрички тимови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top