Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети најголемиот и најзначаен археолошки локалитет Стоби, кој годишно е посетен од преку 13.000 посетители. Од почетокот на годинава досега локалитетот го посетиле околу 8.000 посетители.
Таа заедно со заедно со директорката на оваа национална установа Силвана Блажевска и градоначалникот на Велес Славчо Чадиев ја отвори новата сувенирница, а се запозна и со активностите кои се реализираат на овој значаен проект, а воедно разгледа и дел од сите оние предмети пронајдени за време на истражувањата спроведени во првата половина од годината.
-Оваа година НУ Стоби веќе реализираше пет од вкупно 10 проекти. Во текот на летово во соработка со фондацијата „Балканско наследство” беа реализирани и две интернационални работилници за конзервација на керамика и конзервација на мозаик, како и интернационалната археолошка школа во која учествуваа археолози од повеќе земји, истакна Канческа-Милевска. Останатите пет проекти, финансирани од годишната програма на Министерството за култура ќе бидат реализирани во следните месеци.
Започна реализацијата на двата проекти за конзервација на метални предмети, стаклени садови и камени споменици, а во тек е и подготовката на проектот за конзервација на мермерната скулптура на Афродита од 2 век од н.е. Ископувањата пак во делот на Храмот на Изида ќе се одвиваат во текот на септември, кога ќе продолжи и проектот за конзервација и реставрација на Театарот. За оваа година е предвидено да бидат конзервирани и реконструирани сводовите од тули на централниот радијален коридор и страничните простории, по што ќе следи конзервацијата и реконструкцијата на лежиштата за седишта. Се очекува дека до 2015 година, Театарот да биде подготвен за реконструкција на мермерните седишта во источната половина.
-Тетарот во Стоби е изграден во 2 век од н.е. и преставува еден од најдобро сочуваните јавни градби во Република Македонија, Неговата конзервација и реставрација ќе овозможи одвивање на разни културни манифестации. Она што е исто така значајно е и тоа што од денеска започнува реализацијата и на проектот за враќање на мозаикот од централниот брод на Старата епископска базилика. Станува збор за 180 м2 мозаик, кој го украсувал подот на централниот брод на Старата епископска базилика, еден од најстарите ранохристијански објекти во земјава, која потекнува од доцниот 4 век. Со реализација на овој проект, конечно по 20 години ќе имаме прилика да повторно да го видиме овој раскошен мозаик, што верувам дека ќе придонесе за зголемување на бројот на посетеноста на локалитетот, бидејќи се работи за артактивен и репрезентативен мозаик, кој ретко кој имал прилика да го види целосен, пред да биде изваден во 1991 година, рече министерката Елизабета Канческа Милевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.