| четврток, 6 декември 2018 |

150 години по првата Женевска конвенција Швајцарија и Меѓународниот комитет на Црвениот крст повикуваат на поголемо почитување на меѓународното хуманитарно право

Оп-ед (Мислење –Јавна трибина) потпишан од Претседателот на Швајцарската Конфедерација, Дидие Буркхалтер, и Претседателот на Меѓународниот комитет на Црвениот Крст (МКЦК), Петер Маурер

Пред 150 години на овој ден беше усвоена првата Женевска конвенција за подобрување на условите на повредените и болните во воени судири на копно втемелувајќи ја на тој начин во меѓународното право идејата дека, дури и во време на војна, мора да биде загарантиран одреден минимален степен на хуманост. Швајцарија и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), кои во тоа време заеднички помогнаа да се обезбеди прифаќање на меѓународното хуманитарно право во светски рамки, сега повикуваат на подоследно придржување кон овој принцип, во недостиг на ефективни механизми за негова примена низ светот.

Денешните војни немаат многу заеднички работи со битките од 19 век. Од јасно дефинирани бојни полиња борбите постепено се префрлија на населени простори. Традиционалната војна меѓу армииите на завојуваните држави стана исклучок, додека немеѓународните конфликти станаа правило. Денес цивилите се главните жртви од вооружените конфликти.

Меѓународното хуманитарно право се приспособи кон оваа промена. Потресени од разорноста и страдањата од Втората светска војна, државите во четирите Женевски конвенции од 1949 година договорија опсежна заштита за оние лица кои не учествуваат или повеќе не учествуваат во непријателствата – повредени и болни војници, воени затвореници и цивили. Оваа основа на меѓународното хуманитарно право во 1977 и 2005 година беше проширена со три дополнителни протоколи. Употребата на одреден вид оружје, како биолошко или хемиско оружје, касетни бомби и противпешадиски мини е нашироко забранета. Законот постави ограничувања за да ги заштити најранливите лица од бруталноста на војната. Неговата имплементација исто така доживеа одреден напредок, на пример, при обуката на војници или при гонењето на најголемите воени злосторства, а особено благодарение на основањето на Меѓународниот кривичен суд (МКС).

И покрај тоа, секојдневно добиваме ужасни известувања и слики од светот кои сведочат за невидени страдања во вооружените конфликти. Премногу често овие страдања се резултат на сериозни кршења на меѓународното хуманитарно право, во чија основа лежи нашиот колективен неуспех. Во Членот 1 кој им е заеднички на сите четири Женевски конвенции од 1949 година државите се договорија „во секакви услови да ги почитуваат и да го загарантираат почитувањето“ на овие Конвенции. Сепак досега не успеаја себеси да си ги обезбедат ресурсите потребни за одржување на нивните ветувања. Меѓународното хуманитарно право од неговите зачетоци има недостаток на механизми за осигурување на ефективно придржување кон него. Често овој недостаток значи смрт и пустош за лицата погодени од војна.

Принципите на меѓународното хуманитарно право имаат универзална важност. Сепак, нивното опстојување не е засекогаш загарантирано и бара постојан напор. Правото кое постојано се крши, без тоа да предизвика јасна реакција, ризикува да ја изгуби својата важност со текот на времето. Последиците за жртвите на вооружените конфликти кои би настанале не можат ниту да се замислат.

Затоа Швајцарија и МКЦК од 2012 година водат разговори со сите земји за да се изнајде најдобриот начин да се подобри почитувањето на меѓународното право. Нивната работа се базира на мандатот доделен од страна на 31-та Меѓународна конференција за Црвениот крст и Црвената полумесечина. Тие се убедени дека на државите им е потребен форум кадешто заеднички ќе можат да одлучуваат за мерките потребни за да се постигне поголемо почитување на меѓународното хуманитарно право. Тие треба да имаат редовни и систематски дискусии за тоа како ги исполнуваат своите обврски. Форумот би им помогнал на државите постепено да добијат општа слика за тоа како се исполнуваат овие обврски и како се пристапува кон предизвиците што произлегуваат. Врз оваа основа конечно државите ќе можат да преземат чекори за зајакнување на примената на законот, на пример, помагајќи си меѓусебно за развивање на вештините и капацитетите потребни за исполнување на нивните обврски. Тие исто така би можелемеѓусебно да се информираат за новостите и да разменуваат мислења за најефективните мерки за справување со оваа често комплексна задача.

Форумот на држави исто така би создал услови потребни да се гарантира дека новите форми на војување (како, на пример, новата технологија на оружје) ќе бидат диктирани од законот, а не обратно. За тоа е потребен редовен дијалог за актуелните прашања од областа на меѓународното хуманитарно право. Исто така е важно државите да располагаат со соодветен инструмент за одговор на сериозни кршења на меѓународното хуманитарно право, за превенција на такви кривични дела во иднина и за заштита на цивилното население од понатамошно страдање. Особено би бил соодветен механизам за истражување на причините на овие прекршувања.

Во согласност со нивниот мандат Швајцарија и МКЦК ќе достават конкретни препораки за основање на таков форум на 32-та Меѓународна конференција на Црвениот крст и Црвената полумесечина којашто ќе се одржи во Женева кон крајот на 2015 година. Во таа прилика државите ќе одлучат какви чекори ќе бидат преземени.

Од усвојувањето на првата Женевска конвенција пред 150 години меѓународното хуманитарно право стана централен столб на меѓународното право. Конечно, неговите одредби служат за зачувување на нашата суштинска карактеристика како човечки суштества: нашата хуманост. Тоа е неотповикливо право. Се заснова на вербата изградена низ вековите и во сите наши култури, според која е неопходно да се утврдат правила, ако сакаме да спречиме војните да се претворат во варварство. Нашата генерација треба да ги консолидира овие достигнувања и да создаде институционална рамка за да се осигура почитување на овие правила. Ако треба да биде целосно ефективен, на законот му се потребни соодветни иунструменти. Никогаш во историјата на човештвото не сме биле поблиску до решение како денеска. Нам ни останува да ја искористиме пригодата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top