Порастот на домашниот бруто-производ и на сите параметри што го сочинуваат, меѓу кои и континуираниот пораст на индустријата, покажуваат дека економијата ги преживеа лошите денови и храбро граби напред. Се зголемува работата на сите економски фактори, расте кредитирањето на фирмите, кое треба уште повеќе да ја раздвижи економската активност. Имено, заклучно со мај, кредитите забележуваат пораст од 7,6 отсто, што ги надмина дури и априлските проекции на Народна банка од 7,3 отсто. Сето тоа влева надеж дека предвидувањата за економски пораст не само што ќе се остварат, туку е можно и да се надминат.
„Податоците за кредитниот пазар за мај 2014 година покажуваат значително забрзување на кредитните текови, во поголем дел насочено кон корпоративниот сектор. Кредитните текови се нешто подобри од очекуваното во рамките на последните проекции. Од друга страна, динамиката на пораст на депозитната база е умерена и малку послаба од очекувањата. Однесувањето на банките на кредитниот пазар сигнализира постепено подобрување на очекувањата на банките и на нивните оцени за ризичниот профил на кредитната побарувачка. Воедно, овие движења укажуваат и на преносниот ефект од досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Сепак, во услови на неизвесен амбиент, и понатаму се присутни надолни ризици околу кредитирањето на приватниот сектор, поради што е потребно време за да се оцени постојаноста на позитивните придвижувања на кредитниот пазар“, е заклучокот од последната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.
За стопанствениците, економските показатели укажуваат дека е време за позабрзан пораст.
– Зголеменото кредитирање од страна на банките кон корпоративниот сектор е позитивен тренд, со оглед на тоа што пристапот до финансии е еден од приоритетите на компаниите за одржување на тековната ликвидност, како и за остварување на нивните развојни планови и проекти. Очекуваме достапноста до финансиски средства во следниот период да се зголеми како од евтините кредитни линии, поточно 100 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ), така и од комерцијалните банки преку нивната понуда на конкурентен кредитен пакет – вели Даниела Арсовска, претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија.
Според неа, порастот на БДП од 3,9 проценти во првиот квартал од годинава, проследено со позитивниот пораст во градежништвото од 13,7 проценти, како и континуираниот пораст на индустриското производство, се економски показатели што укажуваат дека е време за уште позасилен економски пораст.
– Очекуваме дека овие показатели дополнително ќе ги мотивираат банките да го зголемат кредитирањето кон стопанството и во идниот период – додава Арсовска.
Со слично размислување се и експертите.
– Очекувано е зголемената економска активност да го поттикне кредитирањето. Банките сѐ уште перцепираат одредени ризици во економијата, а тоа е причина да прават кредитно рационализирање, односно, и покрај тоа што банките располагаат со средства, потешко му ги одобруваат тие средства на стопанството. Сепак, генерална тенденција е со порастот на економијата сѐ повеќе да се забрзува и кредитирањето – велат стручњаците.
Банкарите, како и секогаш, се повнимателни во оцените и прогнозите за пораст на кредитирањето.
– Кредитирањето на компаниите во последните неколку години бележи константни движења без поголеми осцилации. Очекуваме овој тренд да продолжи до крајот на тековната година со можен минимален пораст од неколку проценти. Оттаму не можеме да констатираме дека постои значајна тенденција на пораст на кредитирањето на компаниите. Во услови на криза секогаш се намалуваат барањата за инвестициски кредити, што е случај и во Р. Македонија, а тоа значи дека компаниите се воздржуваат од поголеми инвестиции. Од друга страна, зголемен е бројот на барања за кредити за обртни средства, кои имаат за цел да ја премостат моментната неликвидност. Банката ја моделира својата политика во согласност со фактичките услови со цел да излезе в пресрет на барањата на своите клиенти. Секако, ова не е одржливо на подолг рок и очекуваме со подобрување на општите економски показатели, трендот да се сврти кон инвестициските кредити во наредните години– велат од една од најголемите банки во држава, Комерцијална банка, Скопје.
Оттаму додаваат дека иако посакуваат, сепак не очекуваат посилни тенденции на пораст на кредитирањето. – Пораст треба да се очекува на среден и на долг рок, во зависност од општите економски движења дома и надвор. Треба да се има предвид дека порастот на кредитирањето треба да е паралелен со пораст на вкупната економска активност гледана преку БДП, вработеност, куповната моќ и слично – нагласуваат од Комерцијална банка, Скопје.
Но, ризиците се присутни. Трендот на пораст на нефункционалните кредити продолжи и годинава. Заклучно со мај, нивото на спорни побарувања достигна речиси 460 милиони евра, 27,4 милиони повеќе од април. За да одврзат ќесето, банките мора да бидат сигурни дека проектите за кои се бараат пари се профитабилни и исплатливи. Значи зголемениот кредитен ризик останува главната пречка за поекспанзивна кредитна политика.
– Сметаме дека стопанството сѐ уште се соочува со низа проблеми, особено во делот на (не)ликвидноста на компаниите. Процентот на нефункционални кредити има нагорен тренд, што дополнително ја зголемува внимателноста на банките. Останува во наредниот период интензивно да се следат макроекономските показатели, кои ќе дадат појасна слика на потенцијалот за пораст – велат од Комерцијална банка.
Заживувањето на домашната економија неколку квартали по ред најмногу придонело за пораст на индустријата и за зголемена потреба од кредити. Забележан е пораст на индустријата, се зголемуваат економските активности на компаниите и како резултат на тоа имало поголема побарувачка за кредити од компаниите во првата половина од годината. Главно се бараат кредити за обртни средства бидејќи фирмите имаат зголемени активности, а недостиг од капитал Ако во претходниот период намалените активности на компаниите им диктирале да не се задолжуваат и да влегуваат во ризик, сега им се потребни свежи средства за финансирање на работењето. Значи има зголемено кредитирање на компаниите, при што се барале и одобрувале кредити за обртни средства и кредити за инвестиции на компаниите. Сепак, претежно барањата биле за кредити за зголемување на искористеноста на постојните капацитети на фирмите, со цел да се продаде и извезе. Најмногу кредити за инвестиции биле барани од страна на градежните фирми.
Раздвижувањето на економијата го потврди и премиерот Никола Груевски.Според него, порастот на прометот во индустријата од 9,5 проценти во мај годинава во однос на истиот месец лани, како и порастот од 9,9 проценти во периодот јануари-мај во споредба со истиот период од минатата година, покажува дека има сериозно економско заздравување.
– Најголемо зголемување од 36 проценти има кај капиталните добра, но се бележи зголемување и во другите делови. Тоа е уште еден поволен макроекономски тренд кој укажува на тоа дека земјава во овој период има одлични резултати, што значи дека имаме сериозно придвижување во економијата. Тоа е одлично бидејќи до минатата година во Македонија сериозно се чувствуваа ефектите од европската должничка криза. Сега веќе може да се каже дека годинава тоа сериозно се олабавува и доаѓа период на пораст и не случајно во првиот квартал од годинава имаме пораст од 3,9 проценти на БДП, што беше и најголем пораст во Европа. Според тоа и прометот во индустријата е сериозно зголемен – изјави Груевски неодамна, при што додаде дека и во идниот период ќе продолжи политиката на стимулирање и на помагање на компаниите затоа што тие се тие што отвораат нови работни места.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 100. број на неделникот „Република“, 1.08.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст