| четврток, 6 декември 2018 |

За првпат фестивалот „Џифони“ во Македонија

images

Во присуство на Фабио Кристијани, амбасадор на Република Италија во Република Македонија, Клаудио Губитоси, директор на најголемиот детски филмски фестивал „Џифони“ од Италија, Коце Трајановски, градоначалник на градот Скопје, и Дарко Башески, директор на Филмскиот фонд на РМ, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска соопшти дека оваа година Скопје и Македонија ќе бидат домаќини на првиот детски филмски фестивал „Џифони“.

– Република Македонија оваа година ќе биде домаќин на големиот филмски фестивал „Џифони“, кој има исклучителна улога во развојот и афирмацијата на светската кинематографија наменета за младите. Реализацијата на овој филмски фестивал во Република Македонија  оваа година во мај ќе има многу придобивки за нашите млади граѓани во подигнување на свеста  за филмската уметност, но и во моделирањето на нивната перцепција  воопшто, и за културата и за уметноста – рече Канческа- Милевска.

giffoni deca

Поддршка во организацијата на манифестацијата дава и градот Скопје, преку организирање на учеството на учиници од основните и од средните училишта.

– Во рамките на реализацијата на фестивалот, нашата земја ќе ја  посетат повеќе од 50 млади луѓе од седум земји, на возраст од 12 до 18 години, кои ќе проследат петнаесетина проекции на европски филмови и во текот на еднонеделниот престој ќе учествуваат во дебати и работилници, кои ќе ја поттикнат нивната креативност и иновативност. Ова за младите луѓе  ќе влијае врз нивното понатамошно професионално насочување, а сметам дека е исклучително важно што младите луѓе ќе имаат можност да се запознаат со културните традиции на другите земји, ќе разменат искуства, сознанија, идеи – рече Коце Трајановски.

Фестивалот „Џифони“ со својата 43-годишна традиција е своевиден белег на Република Италија и на италијанската култура поради квалитетната селекција на филмови и гости, но и поради социјалниот и едукативниот карактер и значењето на фестивалот. Секоја година повеќе од 50 земји испраќаат свои делегации на овој фестивал, кои придонесуваат овој настан да биде отворена сцена за културна интеракција на младите луѓе од целиот свет.

– Со поддршка од Амбасадата на Република Италија во Скопје во последните десет години континуирано се испраќаа учесници од Република Македонија на овој реномиран фестивал.  Минатата година на „Џифони“ присуствуваше и 17-годишната Илина Димитровска, која со својот бистар ум и интелект го освои вниманието на големиот актер Николас Кејџ, кој на неколку јавни настапи и прес-конференции ја спомена нашата земја. Република Македонија е држава на многу таленти, многу надарени деца и навистина се радувам што преку програмите на нашите институции, Македонската филхармонија, Операта и Балетот, театарите, младите уште од рана возраст се здобиваат со културна наобразба и естетско воспитание – подвлече министерката Канческа-Милевска.

Една од главните определби на фестивалот „Џифони“ е негово ширење на сите континенти. Токму затоа, Република Македонија од оваа година ќе им се придружи на  останатите земји: Австралија, Полска, Германија, САД, Бразил, Канада, Мексико, Сингапур, Белорусија, Данска, Финска, Франција, Бугарија и Албанија, кои во изминатиот период реализираа навистина успешни изданија на овој фестивал и кои го анимираа интересот за филмската уметност на младите луѓе од целиот свет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top