Русија и Западот влегуваат во отворена трговска војна во која Западен Балкан повторно може да биде колатерална штета, предупредува полскиот министер за земјоделство, Марек Савицки.
– Можеби целта на Путин е да ги вовлече во трговска војна балканските држави. Сѐ укажува на тоа дека балканските држави кои не се членки на ЕУ може да бидат пазари на кои Русија ќе купува храна. Тоа може да бидат елементи на играта на Путин. Сигурно дека ќе се обиде да ја подели Европа – изјави Савицки за полската телевизија ТВН-24.
Русија одлучи да ја ескалира економската војна поради кризата во Украина и воведе забрана за увоз на храна од САД и на овошје и на зеленчук од ЕУ. Забраната за увоз доаѓа откако рускиот претседател Владимир Путин наредил да се возврати на санкциите од Западот кон Русија.
Белата куќа оцени дека потегот на Москва повеќе ќе им наштети на руските граѓани поради очекуваниот раст на инфлацијата.
Отворено за трговска војна зборува и полскиот вицепремиер и министер за економија, Јануш Пјехочински, кој, како и Савицки, е уверен дека Москва настојува да предизвика поделби во Европа.
– Одиме во војна каква што немало во Европа. Трговска војна. Трошоците и загубите ќе бидат на двете страни. Освен тоа, тука е и граѓанската војна во Украина – изјави Пјехочински.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.