| четврток, 6 декември 2018 |

ФФМ: Сите хулигани, вандали, уништувачи на македонскиот фудбал треба да останат надвор од спортските арени

По вчерашниот инциндент во Битола во кој беа повредени повеќе навивачи на Вардар и полицајци Македонската куќа на фудбалот се огласи со свое соопштение поради немилиот настан.

– Крајно неразбирливо, нерационално однесување го доведоа во прашање животот на поголемиот дел од поддржувачите на клубот и придонесоа да се фрли “црна дамка” врз еден фер и спортски натпревар.
Како вистински спортски работници го искажуваме своето искрено жалење за сите повредни кои со своето спортско однесување тоа не го заслужија, а истовремено сите хулигани, вандали, уништувачи на македонскиот фудбал и сите оние кои вистински не го сакаат спортот и фудбалот им порачуваме дека треба да останат надвор од спортските арени.

ФФМ заедно со Пелистер и Вардар, нивните спортисти и спортски работници сторија сѐ што е потребно овој натпревар да биде празник на фудбалот. За жал и покрај сериозните подготовки и ангажирање на клубовите, локалната самоправа, МВР и Федерацијата, сепак последните минути натпреварот беа искористени за манифестирање на насилничко и недолично однесување на поединци од навивачка група, со што сами се класифицираа во хулигани, кои не ги интересира спортот и спортскиот натпревар.

Спроти почетокот на фудбалскиот шампионат, ФФМ организираше работилница со комесарите за безбедност на клубовите од Првата и Втората лига на тема ‘Безбедност и сигурност на фудбалските натпревари’ и укажа од потребата од почитување на насоките и кодексот кон кој се стреми ФФМ во однос на прашањето за безбедност на натпреварите, напоменувајќи дека и клубовите го делат мислењето дека низ почитување на законите и подобрувањето на инфраструктурата може да се постигне подобра сигурност за сите оние кои заслужуваат да имаат право слободно да навиваат за своите клубови, а притоа да не бидат загрозени од оние чија намера е искажување на насилно однесување и загрозување на спортот.

Секој клуб како организатор на натпреварите е одговорен за своите постапки во однос на правилата поставени од страна на надлежните државни институции и Фудбалската федерација на Македонија и сноси одговорност за последиците од своите одлуки кога е во прашање (не)спроведувањето на зададените мерки.

ФФМ е и понатаму уверена дека само со строго и доследно применување на прописите и почитувањето на превентивните мерки од надлежните институции и тела може да се решат проблемите како што се хулиганизмот и насилството во спортот. Мерките за безбедност на натпреварите постојат со причина и ФФМ очекува од клубовите да бидат сојузници во спроведувањето на истите се со цел да се искорени проблемот со нередите на спортските борилишта.

Полните трибини без инциденти, со примерно однесување и без нереди, без национализам и дискриминација, се клучни цели на сите учесници во македонскиот фудбал, од Фудбалската федерација на Македонија и клубовите преку навивачките групи, јавноста и медиумите до државните институции во целина.

Како и секогаш, ФФМ апелира до сите вистински поддржувачи на фудбалот во Македонија, дека на терените фудбалот е на првото место! Нека нѐ обедини радоста, а не омразата – се вели во соопштението од Куќата на фудбалот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top