
Со поддршка од Министерството за култура во Крушево е во тек конзервација на куќата на ул. „Нико Доага“ број 65, која е дел од проектот на Владата и на Министерството за култура за реконструкција на фасади на значајни објекти од старата градска архитектура. Во моментов интензивно се работи на потпокривната конструкција од дрвени греди кои под тежината на камените покривни плочи беа пред уривање. По замената на системот греди и соодветните подготовки на покривот ќе бидат поставени нови камени плочи.
На објектот веќе се зајакнаа темелите, а се работеше и на обликување на фасадата со основните градежни материјали, дрво и камен за да се зачува на амбиенталноста на куќата.

Овој објект, типичен за крушевските куќи, во изминатиот период беше со особено нарушен изглед на надворешноста. Со конзервацијата целосно ќе се зачува автентичниот изглед на фасадата на објектот кој се наоѓа во непосредна близина на галеријата „Мартиновски“.
По обновените фасади на куќите на семејството Важарови и на семејството Бинка, куќата на ул. „Нико Доага“ број 65 е трет објект на староградска архитектура со впечатлива надворешност во Крушево, на кој се обновува фасадата. Со ова се продолжува векот на една од најубавите крушевски куќи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


