Германската канцеларка, Ангела Меркел изјави дека одлуката на ЕУ за воведување построги санкции за Русија била неизбежна, поради руските постапки во Украина и дека сега Москва треба да го направи следниот чекор. ЕУ за прв пат воведе санкции за руските нафтени компании, банки и воени фирми.
Станува збор за досега најсилна меѓународна реакција, поради поддршката која што Русија им ја дава на проруските сепаратисти на исток на Украина, пренесе „Ројтерс“.
Канцеларката ги повика руските власти да направат чекор за смирување на напнатоста и соработка во судирот во Украина, предупредувајќи од можност од нови мерки. И холандскиот министер за надворешни работи, Франс Тиммерман рече дека европските санкции ќе имаат далекусежен и непосреден учинок.
-Тие санкции ќе испратат силен сигнал до Москва дека се наоѓа на погрешен пат- рече холандскиот шеф на дипломатијата, во тек на расправата за уривање на малезискиот авион над источна Украина.
Покрај блокадата за пристап до финансиските пазари на ЕУ, забраната за продажба на оружје и чувствителната технологија во домен на енергетиката и производи за цивилни и воени потреби, ЕУ одлучи да ги блокира и имотите на четири руски бизнисмени блиски до Путин, чии што имиња треба да бидат обајвени денеска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



