Изјавата на главниот обвинител за истрагата за трговијата со човечки органи во Косово во 1999 година, Клинт Вилијамсон, дека лидерите на ОВК ќе бидат обвинети за злосторства врз Срби и неалбанци значи дека на листата на обвинети за воени злосторства ќе се најдат и поранешниот лидер на ОВК и косовски премиер во заминување Хашим Тачи и уште десетина членови на ОВК, пишува српскиот весник „Блиц“.
Извор на весникот од Владата на Србија изјави дека „не треба да се изненадиме доколку пред новиот суд за злосторствата на ОВК се покренат и постапки за трговијата со органи“.
– Извештајот на обвинителот Вилијамсон е многу позитивен за Србија и претставува многу значајна работа. Полното значење ќе се види кога ќе дојде време за покренување на обвинението – додава изворот на белградскиот дневен весник.
Вилијамсон вчера во Брисел изјави дека не се најдени доволно докази дека на киднапирани лици во Косово во 1999 година насилно им биле вадени органи, но дека постојат докази за вмешаноста на врвот на Ослободителната војска на Косово (ОВК) во етничко чистење.
– Тоа што засега нема докази за земање органи не значи дека нема да ги има – укажа Вилијамсон, додавајќи дека истрагата ќе продолжи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



