| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот Иванов оствари средба со Нимиц

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за разликата околу името.

nimetz04-500

На средбата беше разгледана актуелната состојба во разговорите за надминување на ова прашање.

Поздравувајќи го ангажманот на амбасадорот Нимиц, претседателот Иванов ја реафирмираше државната позиција на Република Македонија и посветеноста за наоѓање заеднички прифатливо решение за разликата околу името.

– Како и досега, и натаму Република Македонија активно, конструктивно и со добра волја ќе учествува во процесот, со цел наоѓање заемноприфатливо решение за разликата околу името – рече претседателот Иванов.

На средбата, на која присуствува министерот за надворешни работи, м-р Никола Попоски, и новиот пратеник во разговорите за надминување на разликата околу името, д-р Васко Наумовски, претседателот Иванов ја истакна подготвеноста на македонската страна за средби на највисоко ниво и интензивирање на дијалогот.

Македонскиот претседател истакна дека до решение може да се дојде само со конструктивност од двете страни и придржување до рамката во која се водат разговорите – резолуциите на Советот за безбедност, Привремената спогодба и на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Во тој контекст, претседателот Иванов повика на почитување на меѓународното право и доследност кон меѓународно преземените обврски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top