| четврток, 6 декември 2018 |

На западен Балкан му треба чудо

По приемот на Хрватска во ЕУ, останатите земји од Западен Балкан ќе мора да се стрпат, што може да ја забави нивната трансформација, оценува швајцарскиот весник „Ное цирихер цајтунг“.

– Србија, како најголема национална економија во регионот, се уште мака мачи со БДП, кој е понизок од пред распадот на Југославија, се наведува во весникот.

zapaden balkan eu sad

Европската банка за обнова и развој неодамна прогнозираше дека во следните 20 години, ако околностите не се променат, од поранешните европски комунистички земји само средноевропските и балтичките земји ќе достигнат ниво од 60 отсто од просечниот приход по глава на жител, што ЕУ го имаше во 2004 година пред ширењето на исток.

За земјите од Западен Балкан таа цел, освен ако не се случи чудо, ќе остане недостижна неодредено долго, оценува „Ное цирихер цајтунг“.

Весникот го опишува Западен Балкан како регион кој го карактеризираат постојани немири и чие население се надева дека во закрила на ЕУ ќе најде стабилности и благосостојба. Меѓутоа, таа перспектива, како што пишува циришкиот весник е многу неизвесна.

Секој европски политичар се чувствува обврзан да ја повтори таа реченица во тек на посета на Западен Балкан, но вербата во искреноста на тие изјави полека се губи. Весникот пишува и дека Хрватска во јули минатата година беше примена во ЕУ со многу поголемо незадоволство отколку со воодушевување, во која уште тогаш преовладуваше премолчена согласност дека некое време треба да се паузира со проширувањето.

Тој став, според наводите на весникот нема многу да го промени ни почетокот на преговорите за членство со Србија.

– Таквото скусување на љубовта на Балканот не поминува незабележано, се вели во весникот и се додава дека влијанието на ЕУ во регионот и натаму е многу голем, а дека приклучувањето на Унијата е една од ретките цели околу која се согласни речиси сите политички сили.

– Меѓутоа, вистина е дека за осиромашениот Балкан се поставени многу построги критериуми од што беа во 2004 година за земјите од источна и централна Европа, оценува циришкиот весник.

Дојче веле – Берлин

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top