| четврток, 6 декември 2018 |

Нееднаквоста почнува од раѓањето

rich_poor

Претседателот Обама во 2013 година предложи амбициозен нов национален план за општо предучилишно воспитание кое би се финансирало од новите акцизи на цигарите. Тој план не доби поддршка, но Бил де Бласио повторно го покрена ова прашање кога беше избран за градоначалник на Њујорк и вети универзални градинки за сите деца на овој град, кои ќе почнат со работа оваа есен. Меѓутоа, новите истражувања се појасно покажуваат дека образовната нееднаквост почнува многу порано.

Значењето на универзалното рано образование одамна е препознаено: тоа ги подобрува животните шанси за сиромашните деца и е пресудно за одржување на еднакви шанси за сите. САД се далеку од оваа цел. Во многу европски земји постои општ, квалитетен предучилишен систем за 3 и 4 годишни деца. Во Америка најновите податоци покажуваат дека помалку од една половина 3 и 4 годишни деца се запишани во некоја предучилишна институција. Главниот федерален програм Head Start, обезбедува средства за предучилишно воспитување за само две петини од сиромашните деца на таа возраст.

Дури може да се каже, Америка е втора според стапката на детска сиромаштија од 35 земји кои ги мери Детскиот фонд на Обединетите нации, само Романија е полоша. 23 отсто американски деца се сиромашни според меѓународните мерки, за разлика од 10 отсто во Британија и 7 или 8 отсто во нордиските земји. Според овие мерења, во Америка најсиромашните деца се од 5 или помалку години, всушност, тоа е најсиромашна демографска група во земјата. Многу од овие деца живеат во длабока сиромаштија, а приходите на нивните семејства се помали од половина од износите кои се сметаат за граница на сиромаштија. Посебно е висока стапката на сиромаштија во црнечките и латиноамериканските семејства.

Науката одамна покажала дека децата кои растат во сиромаштија се соочуваат со поголеми пречки во социјалниот живот и здравјето и тие пречки често ги следат доживотно. Тие почесто страдаат од хронични болести како астма или хиперкинетички пореметувања, малку од нив завршуваат средно училиште, работат за мали плати и често завршуваат на социјална помош.

Сиромашните тинејџерки често раѓаат, а не го посакуваат тоа.

Но, во последните години невролошките докази убедливо покажуваат дека причините за овие лоши резултати не се исклучиво културни, ниту се последица од слабиот генофонд, како што порано тврделе коментатори како Чарлс Мареј, автор на книгата The Bell Curve. Како што јасно истакна др. Дејвид Келер на неодамнешниот одржан собир за сиромаштијата кај децата во Вашингтон под името Нееднаквоста почнува од раѓањето (под покровителство на политичкиот институт кој го води, The Bernard L. Schwartz Rediscovering Government Initiative при фондацијата Century), постојат нови биолошки докази дека стресната околина кај најмладите деца не влијае само на културните и психолошките предуслови за неуспех, тоа може да влијае и на архитектурата на мозокот, на промена на невролошкото функционирање и квантитетот на сивата маса.

Со други зборови, предучилишното воспитување не е доволно. Меѓутоа, загрижувачки е дека овие заклучоци биле познати веќе некое време, но не им се обрнува посебно внимание. Всушност, првите документи објавени се одамна во 2000 година, во еден напис на харвардскиот Центар за развој на детето, а истражувањата темелени на нив од тогаш се множат. Две истражувања завршени во 2013 година, невродегенерацијата ја поврзуваат директно со сиромаштијата. Група истражувачи од шест универзитети ја мереле мозочната активност кај возрасните кои како 9 годишни деца биле сиромашни и откриле дека делови од мозокот кои ги контролираат емоциите, кај нив физички биле недоволно развиени. Едно истражување на Универзитетот во Вашингтон покажало дека соодветно негувани сиромашни деца, со избегнување на константен стрес, обично имаат нормално развиено мозочно ткиво, додека другите имаат помалку бела и сива маса и помалку контролни центри како хипокампусот.

Откриено е дека луѓето доживуваат хемиска реакција на стресот кој пред се ги брани од последици. Но, оваа одбрана има граници. Ако детето чиј мозок се уште се формира бомбардирано под константен стрес, со насилство во домот, недоволна исхрана, родителска наркоманија и хроничен недостиг на внимание или нега, преоптоварениот механизам откажува и мозокот трпи последици.

Др. Џек Шонкоф, кој го води харвардскиот Центар за развој на детето, напиша со своите колеги многу трудови во кои изнесува резултати од истражување на животни и се почесто со деца. Под стрес телото произведува два хормона кои делуваат заштитно, адреналин и кортизол. Но, кога стресот станува претеран, што во стручните кругови се нарекува токсичен стрес, преголемата хормонска активност го оштетува мозокот, невронските врски, ја спречува имуната реакција и ги менува деловите на мозокот кои директно влијаат на меморијата, учењето и контролата на емоциите. Овие студии најчесто потврдуваат дека упорното занемарување и несоодветното внимание се примарни причини за слабеење на мозочниот капацитет. Доказите врз основ на разни испитувања, вклучувајќи ги и децата во хранителски семејства од целиот свет, од несоодветно внимание, обично со посредство на магнетна резонанса јасно покажуваат погубни последици за невронските врски и големината на мозокот.

Од друга страна, социолошките истражувања покажуваат колку е вообичаено запоставувањето на децата меѓу сиромашните луѓе. Сиромашните родители се преоптоварени од грижи за храна и превоз, а често и за безбедноста во својата заедница и стабилноста на своите семејства. Некои можеби едноставно се неодговорни, или користат дроги, но многу етнографски испитувања на сиромашните кои ги вршел Детскиот заштите фонд, неависни истражувачи и други, покажуваат дека овие родители, вклучувајќи ги и самохраните мајки, се грижат за своите деца еднакво како и богатите родители. Проблемот е во тоа што тие често не можат да најдат работа која им овозможува да поминуваат време со своите деца и што поради недостиг на ресурси, време или поради нервози не можат да ги исполнат сите родителски должности. Истражувањата исто така покажуваат дека квалитетот на пренаталната нега може да влијае на развој во раното детство и дека кај бремените зависноста од дроги или депресијата исто така може да влијае на невролошкиот развој на бебето.

Најфасцинантен детал кај овие неодамнешни откритија е тоа што ги прецизира разликите меѓу тие кои го обвинуваат генофондот, како следбениците на Мареј, и тие кои ја обвинуваат културата. Се открива дека гените навистина се важни, но како што откриваат научниците родителите и културната средина можат да го подобрат мозочниот капацитет и да го спречат неговото слабеење. Како што вели др. Келер, лекар и истражувач и воедно претседател на Академското педијатриско здружение Новите истражувања не се само Дарвин, во нив има помалку и Ламарк.

Сега речиси сите медицински научни работници се согласуваат: колку порано позитивно се интервенира во животот на детето, вклучувајќи ги и куќните посети на професионалци, родителско советување, лечење на болести од зависности и релативно новите програми како што е читање на децата и пред да проговорат, толку е подобро. Педијатрите, вклучувајќи ја и големата Американска педијатриска академија, работат на планови да употребат педијатриски посети за пошироки интервенции кога е очигледен преголем стрес. Еден од омилените предлози е програмата за бесплатни книги покрај секоја вакцина.

Меѓутоа, мене најмногу ме загрижува фактот дека нашите политички лидери и пратеници до сега главно ја занемаруваа поврзаноста на сиромаштијата, лошото образование, па дури и невролошките последици и фактот дека ефикасното намалување на сиромаштијата може да го реши овој проблем. Економистите Џенет Горник и Маркус Џанти анализираа податоци од разни земји и заклучија дека сиромаштијата кај децата е далеку пониска во европските држави, не затоа што нивната економија овозможува поголеми плати за работниците со пониски примања, туку поради подобрите социјални програми. Повеќето од овие земји, како и многу во Латинска Америка, даваат директен паричен надомест на родители со деца.

Нови работни места и подобро платените работни места се од витално значење во борбата против сиромаштија кај децата и проблемите кои таа ги предизвикува. Вработеноста со добри работни места, сеуште е можна со сериозен фискален стимуланс, вклучувајќи ги јавните инвестиции во инфраструктурата. Но социјалните програми се клучни. Без оглед на цинизмот по прашањето за социјалните програми и социјалната помош, Америка умее да ја намали сиромаштијата. Како што истакнува Роберт Гринстајн од Центарот за буџет и политички приоритети, федералната безбедносна мрежа, во која спаѓаат Медисаид, бонови за храна, враќање на данок, даночни повластици за дете, одржа 41 милион луѓе над граница на сиромаштијата во 2012 година, вклучувајќи и 9 милиони деца. Без државна поддршка, денешната стапка на сиромаштија би изнесувала 29 отсто. Наместо тоа, според најдоверливи мерења, оваа стапка кон крајот на 60-тите од 26 отсто падна на денешните 16 отсто. Со други зборови, војната против сиромаштијата почната во 60-тите успеа.

Но, покрај зголемената нееднаквост меѓу најбогатите и остатокот на општеството, намалувањата на општествената подвижност на сите нивоа, проблемите за најлошо платените Американци се големи. Нашата денешна стапка на сиромаштијата, посебно меѓу најмладите, децата, сеуште е опасно висока. Посебно е вознемирувачки што стапката на сиромаштијата кај децата, по растот во текот на рецесијата, не е намалена во неодамнешното економско зајакнување.

Јас би почнал нова војна против сиромаштијата на децата со воведување на федерален систем на паричен надомест за сиромашни семејства со деца, како што тоа моментално се работи во многу земји во светот. Сега помошта главно се сведува на купување на храна, или е условена со наоѓање на работа, што за многумина од оваа група денес е посебно тешко. Но, во политичкото опкружување каде Конгресот сака дури и да ги намали боновите, убедувањата на нашите пратеници во моралната и економската логика на директна помош, ќе бара многу труд.

Истражувањата сега се неоспорни. Нееднаквоста во Америка почнува со раѓањето, па дури и порано за тие чии мајки биле болни во бременоста или тие без соодветна пренатална нега. Без никаква вина, една четвртина американски деца почнуваат со големо доцнење, додека другата четвртина расте во семејства кои заработуваат само двојно повеќе од границата на сиромаштија, околу 48.000 долари годишно за четири члено семејство. Со точни сознанија од неврологијата на 21 век, повеќе не можеме да зборуваме на деца родени во сиромаштија повеќе да учат и кога ќе пораснат да најдат работа. Држава која сака сите нејзини граѓани да бидат продуктивни работници и која ветува фер и достоинствен живот на сите, без оглед на расата или бојата на кожата, сега мора да обрне внимание на своите бројни сиромашни деца.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top