Сообраќајната несреќа меѓу две патнички возила со српски регистарски ознаки што се случи изутрината кај местото викано Арсова лака меѓу Демир Капија и Удово и во која животот го загуби осуммесечно бебе, се случила во момент кога
возилата се разминувале.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерката за внтрешни работи Гордана Јанкулоска која рече дека во двете возила имало осум патници од кои три биле во „форд фиеста“, а пет биле во „шкода фабија“.
– Увидот е направен од страна на јавен обвинител од Кавадарци и во соработка со увидната екипа од полициската екипа од полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај во Неготино. Во моментов сообраќајот на овој потег се одвива нормално меѓутоа беше неопходно за одреден период утрово да биде запрен – посочи Јанкулоска.
Од повредените, тројца се на КАРИЛ, од кои две возрасни лица се со посериозни повреди, а едно дете со полесни повреди односно со скршеница на нога и е во добра здравствена состојба. Едно лице е хоспитализирано во Клиниката за хирушки болести „Св. Наум Охридски“, а двајца полесно повредени во Градската општа болница „8 Септември“.
Шест од седумте тешко повредени пациенти од тешката сообраќајна несреќа првично биле пренесени во Велешката болница, а оттаму поради сериозноста на повредите биле препратени во Скопје, додека осумесечното бебе починало на пат кон Велешката болница.
Според информацијата од д-р Силвана Мишкова портпарол на Велешката градска болница, повредените се на возраст меѓу 20 и 34 години, а меѓу нив има и едно петгодишно дете.
– Од нив двајца се со тешки телесни повреди и во животно загрозувачка состојба со политраума, а останатите се со скршеници и набиеници по телото. Во тешка состојба се 30-годишната мајка на бебето кое почина, како и 24 годишно момче кое патувало заедно со семејството – рече д-р Мишкова на денешната прес-конференција во Велес
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


