Шпанскиот фудбалски гигант Реал Мадрид се наоѓа на подготовки за следната сезона во Лос Анџелес.
По вчерашниот тренинг тренерот на клубот, италијанскиот стратег Карло Анчелоти, одговараше на прашањата на закажаната прес-конференција.
– Клубот работи беспрекорно. Новите играчи Џејмс Родригез и Тони Крос се двајца квалитетни играчи и ќе бидат од голема помош. Клубот навистина работи одлична работа – изјави Анчелоти.
Тој додаде дека освојувањето на десеттиот трофеј во Лигата на шампионите беше многу важен за Реал Мадрид.
– Тоа е резултат на циклусот освојување трофеи кој почна на почетокот на минатата сезона. Сонот ни е да продолжиме со освојување титули, така што целите во новата сезона ни се многу високи – додаде Италијанецот.
Реал Мадрид во САД ќе одигра три пријателски натпревари во склоп на интернационалниот шампионски куп, а противници ќе бидат силните екипи на Интер, Рома и Манчестер јунајтед.
Ова ќе биде вистински тест за силниот тим на Реал Мадрид кој оваа година ќе се обиде да ја одбрани титулата од Лигата на шампионите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


