Охриѓани и стружани до недела ќе имаат можност да ги посетат перформансите и работилниците на различни уметници, во рамките на второто издание „ДримОН“ фестивалот за процесирање култура, кој до недела ќе се одржува на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.
Ненад Јолдашески, како дел од тимот организатори, вели дека оваа манифестација на публиката ѝ дава примери и исечоци од современите културни и уметнички појави кај нас, со тенденција да се испреплетат и мотиви од современите светски трендови.

– Концептот на фестивалот се темели на неколку балансирачки линии: прво, се стремиме да имаме еднаква застапеност на еминентни, признати и познати автори на пошироката публика, но и на млади луѓе кои со својата творечка вредност заслужуваат промоција и актуализација – вели тој.
Според организаторката Христина Тодороска-Петреска, овој настан е создаден со намера да се централизира културата од главниот град и да се внесе свежина во прилично заборавените средини, кои исто така заслужуваат да бидат дел од современите културолошки текови.

– Со содржините на кои се темели концептот на ДримОН, веруваме дека не само што ја менуваме културата, туку и создаваме ново струење и циркулација на овие простори – додава таа.
Менаџментот на настанот исклучително задоволен и од соработката со уметнички креативци од Охрид, како Ивана Групче, која в петок ќе ја предводи работилницата за млади, „Оригами“.

Во таа насока, Тодороска Петреска нагласува: „Лани изложба имаа тројца членови на АРТЕРИЈА, годинава е Ивана Групче со оригамите, така што нема ограничување. Ние бараме уметници и луѓе коишто размислуваат културно и ги селектираме по однос на квалитетот“.
На просторот зад струшкото кино, како локација на која се одржува перформансот, поставена е и тезга со рачно изработен накит и чанти, а љубителите на убавиот пишан збор, ќе можат да го посетат и саемот на книга.
Собраните средства ќе бидат наменети за децата со посебни потреби!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


