| четврток, 6 декември 2018 |

Нивото на Слатинско Езеро се намалува, но сè уште е критично

slatinsko ezeroСитуацијата со напукнатата брана на Слатинското Езеро сè уште е критична, меѓутоа активностите спроведени за намалување на притисокот на водата врз наспиот даваат резултати. Нивото на водата во акумулацијата по спроведените активности е намалено за десетина сантиметри, што придонесува за одржување на ситуацијата под контрола, барем до настапувањето на подобри временски прилики кога би биле можни и интервенции на насипот.

Во текот на вчерашниот ден екипи на специјализирана градежна компанија, заедно со нуркачки тим на Дирекцијата за заштитата и спасување, спроведоа повеќе активности за надминување на кризната ситуација, пред се преку отворање дупки во бетонската преливница на испусниот канал, за што побрзо празнење на акумулацијата.

Кон подобрување на ситуацијата придонесува и стабилизирањето на временските прилики и престанувањето на врнежите. Ситуацијата се следи, во исчекување на намалување на издашноста на изворите и Мраморечка река преку која се полни акумулацијата.

Езерото се наоѓа во атарот на селото Слатино во општина Дебрца, изградено е во 1963 година како акумулација за наводнување на околното обработливо земјиште. Водата во езерото дотекува од Мраморечка Река и околните извори, додека изливот на водата од езерото води кон реката Сатеска и натаму во Охридско Езеро. Во акумулацијата има приближно 1,4 милиони кубни метри вода. Состојбата со примитивниот насип на акумулацијата е проблематичен години наназад, а освен помали интервенции браната на езерото никогаш не е санирана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top