Американскиот претседател Барак Обама и холандскиот премиер Марк Руте во телефонски разговор изразија согласност дека Русија мора да се соочи со сериозни последици ако продолжи да ги поддржува проруските сили во Украина, соопшти Белата куќа.
Во соопштението на Белата куќа се наведува дека Обама и Руте изразиле загриженост поради новите докази дека Русија се уште испорачува оружје и борци преку украинската граница, како и дека продолжува со стационирање на војници на границата.
Двајцата лидери изразиле согласност дека откако телата на жртвите при падот на малезискиот авион над Украина бидат вратени во домовите, местото на несреќата мора да биде достапно на меѓународните истражувачи за спроведување на сеопфатна истрага.
Во соопштението на Белата куќа се наведува дека Обама ја поздравил одлуката на ЕУ да подготви дополнителни санкции за тие што се одговорни за дестабилизирање на Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.