| четврток, 6 декември 2018 |

Бесими: Проширувањето останува на агендата на ЕУ

fatmir besimi

Проширувањето на ЕУ не е прашање на конјуктурни политики на ЕУ, туку е концептуално, системско прашање за целата идеја на ЕУ. Тоа останува на агендата на ЕУ, бидејќи е одраз на основниот концепт на Унијата сите земји од европскиот континент да станат дел од неа.

Ова го изјави вицепремиерот за евроинтерации Фатмир Бесими на денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања на која на дневен ред беше Извештајот за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ-ревизија 2014 година, за периодот 1 јануари до 31 март 2014 (прв квартал), запрашан дали е можно во постојните услови РМ да ја изгуби препораката за почнување на преговорите со ЕУ.

Според него, изјавата на претседателот на ЕК Жан Клод Јункер и еврокомесарот Штефан Филе дека во наредните пет години нема да има прием на нова членка во Унијата, произлегува од досегашното искуство и преговорите што се водат гледано според тоа кои земји во која фаза се од преговорите.

– Проширувањето на ЕУ со Западен Балкан останува составен дел на агендата на ЕУ и тука нема дилема. И тоа не смее во никој случај да не демотивира или да биде изговор за неисполнување на одредени работи во однос на реформите и сите други прашања. Многу е важно од Македонија да дојде една единствена порака, без оглед дали од Влада, од опозиција, од Собрание или од граѓанин – а тоа е дека ние чувствуваме дека треба да бидеме дел од ЕУ и ние работиме на тоа да станеме дел од ЕУ, дека веруваме во европските демократски вредности кои носат стабилност и просперитет за сите граѓани и земји од регионот, рече Бесими, пренесувајќи ја пораката од Брисел.

Во однос на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ за периодот 2014-2016, која минатата недела ја претставил и во Брисел, Бесими рече дека таа е производ на поусогласен пристап и вклученоста на над 100 државни институции и 13.000 административци, што говори за системската посветеност на стратешката ориентација за интеграција во ЕУ. Оваа година, додаде, предвидени се и поголеми средства во Буџетот за реализирање на оваа програма, а предвидени се и фондови и проекти од ИПА – 2 за 2014-2020 година, како и за поддршка на реформите во правосудството, економијата, слободата на медиуми, борба против корупцијата и други клучни области.

Во текот на дебатата пратениците од владејачкото мнозинство го поздравија напредокот во реформите и ја повикаа опозицијата да се издигне над партискиот интерес и да се врати во Парламентот, бидејќи сметаат дека со неучество во работата на законодавниот дом ја загрозува евроатлантската интеграција на земјата.

Според Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ, со своето отсуство од Парламентот опозицијата дава инструмент повеќе во рацете на оние кои не сакаат Македонија да биде дел од ЕУ и НАТО и е сојузник на Грција, која може да каже дека Македонија не ги исполнува политичките критериуми и фокусот да се тргне од наметнатиот спор за името.

– Ги повикувам колегите од опозицијата да размислат дали партискиот е над државниот интерес, дали доброто на граѓаните на Македонија е над партиското добро и партискиот интерес. И кога ќе ги стават на вага овие нешта јас сум убедена дека наскоро ќе ни се придружат и овде да ги биеме битките кои што заеднички треба да ги извојуваме за Република Македонија, посочи Бонева.

Нора Алити од ДУИ, задржувајќи се на политичките критериуми и бојкотот на опозицијата, исто така побара да се надминат теснопартиските интереси за доброто на земјата и стратешката евроатлантска интеграција.

– Се плашам дека добивањето датум за преговори има претрпено тежок удар од овој бојкот затоа што оваа ситуација и штети на демократизацијата на земјата. Македонија не е само на ВМРО-ДПМНЕ, не е амо на СДСМ ниту само на ДУИ или само на ДПА. Македонија е на сите, таа има потреба од придонесот на опозицијата, рече Алити.

За првите шест месеци од годинава, информира Бесими, од 27 предвидени закони усвоени се 11, пет се во владина постапка и три се во меѓуресорска дискусија. Инаку, вкупно за 2014 година треба да се усвојат 57 закони. Од предвидените 75 подзаконски акти, пак, донесени се 34, 27 се во постапка за меѓуресорска дискусија, а три се во подготовка. Значаен напредок направен е, меѓу другото, во делот на правосудството со скратување на времетраењето на судските процеси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top