| четврток, 6 декември 2018 |

Кинезите и Американците со меѓусебни хакерски напади

hakerДва важни кинески воени сајтови, вклучувајќи го и сајтот на Министерството за одбрана, во текот на минатата година биле цел на 144.000 хакерски напади месечно, а близу две третини од нив биле од САД, соопшти денеска кинеското Министерство за одбрана, цитирано од светските агенции.

Претходно овој месец американска компанија за компјутерска безбедност соопшти дека тајна кинеска воена единица најверојатно стои зад серијата хакерски напади, главно против САД, претставувајќи го почетокот на своевидната војна меѓу Вашингтон и Пекинг.

Кина ги негира тврдењата и контранападите со обвинението дека таа е жртвата.

Кинеското Министерство за одбрана денеска за прв пат посочи на некои детали во врска со обвиненијата за кибер нападите од страна на САД.

-Министерството за одбрана и воените сајтови се исправени пред најсериозната закана од кибер напади, бидејќи нивниот број постојано расте во последните години, изјави портпаролот на министерството Ган Јаншан.

Тој прецизира дека во текот на 2012 година кинеските воени сајтови биле цел на 144.000 напади секој месец, а за 62,9 отсто од нив одговорноста е на САД.

-Се надеваме дека американската страна ќе даде објаснување, додаде Ган, чија изјава се објави на сајтот на министерството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top