| четврток, 6 декември 2018 |

Запленети лекови, текстил, козметика

Kremi,kapsuli,D.Bair

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија  три  царински измами и повеќе обиди за криумчарење стока, при што се запленети козметички препарати, разни текстилни производи и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Козметички препарати:

– 3.300 капсули СПИРУЛИНА АЛГЕН, ГРУНЛИ ПМУЦХЕЛ и АФА-УРАЛГЕН, 10 креми за нега на кожа „Родопско чудо“ и 6 парчиња серум за кожа околу очи и 2 раствори за подмладување ЛАСЕРЏТРЕМЕ, откриени на граничниот премин Деве Баир, при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените производи се пронајдени под задното седиште на возилото.

Текстилни производи:

– 114 парчиња текстил (машка и женска долна облека), откриени на граничниот премин Деве Баир, при контрола на патничко возило со бугарски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените текстилни производи пронајдени се во повеќе патни торби и најлонски кеси, сместени во багажниот простор, пред, под и позади предните седишта на возилото.

– 95 парчиња женски блузи, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на автобус со турски регистарски таблички, што сообраќал на релација Истанбул-Гостивар. Непријавените блузи се пронајдени во патни торби, сопственост на македонски државјанин, патник во автобусот.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 99 мантили за бербери со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава  Струмица, при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за фирма увозник од Струмица.

Вредноста на сомнителните мантили е проценета на околу 12 илјади денари, доколку би се  продавале како оригинали.

– 18 видео игри со ознаки на заштитена трговска марка, откриени на царинската испостава Скопје 2, при контрола на конзоли за видео игри, видео игри и други придружни елементи за истите, наменети за фирма увозник од Скопје.

Царинска измама

На царинската испостава Гевгелија откриен е обид за увоз на гориво со пониски параметри на обележувач Солвент ѕеллоњ 124 (мг/лит) од законски пропишаните согласно Правилникот за спроведување на законот за акцизи.

При контрола на приложените документи и физички преглед на пријавеното екстра лесно гориво, наменето за увозник од Скопје, царинските службеници се посомневале во правилно прикажување на параметрите на горивото, поради што земени се мостри и испратени на испитување во Царинската лабораторија, каде е констатирано дека содржината на обележувачот Солвент ѕеллоњ 124 (мг/лит) е во помало количество од законски пропишаниот параметар, што треба да биде од 6 до 9 мг во литар гориво, односно горивата треба да се распоредат во сосема друг тарифен број, за кој постои забрана за увоз.

Изготвено е решение за враќање на горивото во странство, а на увозникот му е изречена мандатна казна за погрешно декларирање на стока.

На царинска испостава Скопје 3 откриен е обид за избегнување на плаќање увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.

Фирма увозник од Скопје пријавила за увозно царинење пет товарни моторни возила, декларирани во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 5% и стапка за ДДВ од 18%, но при физички преглед на возилата било утврдено дека се работи за патнички моторни возила, што се распоредуваат во сосема друга тарифна ознака, за која покрај царински давачки од 5% и ДДВ од 18%, предвидени се и акцизни давачки.

Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, пресметани се дополнителни давачки во износ од околу 199 илјади денари.

На царинска испостава Скопје 2 откриен е обид за избегнување на плаќање увозни давачки со погрешно прикажување на потеклото на стоката.

Фирма увозник од Скопје пријавила за увозно царинење употребувано моторно возило со преференцијално потекло и вкупна вредност од 4.700 евра. По извршен документарен преглед утврдено е дека предметната стока, не ги исполнува условите за стекнување на преференцијално потекло.

Согласно наведеното, пресметани се дополнителни давачки во вредност од околу 41 илјади денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top