| четврток, 6 декември 2018 |

Партијата на Македонците против новата територијална поделба во Албанија

Партијата Македонска Алијанса за Европска Интеграција, денеска од Корча, на прес-конференција преку генералнито секретар Васил Стерјовски го искажа ставот дека е против новата варијанта на административно-територијалната реформа во Албанија.

vasil sterjovski

Во декларацијата на партијата на Македонците стои:

“Партијата Македонска Алијанса за Европска Интеграција изјавува пред албанската јавност дека е против новата мапа на административно-територијална поделба со 61 општини усвоени од страна на Собраниската комисија за територијалната реформа.

Партијата Македонска Алијанса за Европска Интеграција беше за територијално-административна реформа каде ќе се земеа предвид интересите на граѓаните и правата на малцинствата.

Усвоена варијанта од страна на Собраниската комисија за територијална реформа не ги зема во предвид критериумите поставени од страна на владата што се однесуваат на припадниците на малцинствата, Уставот на Република Албанија, конкретно членот 20 кој се занимава со почитувањето на малцинските права, членот 108 став 2 која се занимава со локалните власти, Европската повелба за локална самоуправа, Рамковната конвенција заштита на правата на малцинствата кои Албанија ги има потпишано и ратификувано.

Со усвоената верзија не се зедоа во предвид барањата на македонската заедница во Албанија, освен општина Пустец која се предвидува да остане, се укинуваат општини во областите Голо Брдо и Гора поткопуваќи ги правата и губењете на идентитетот на македонската заедница.

Ние сме лојални граѓани на Република Албанија, со целосно почитување на Уставот и законите на државата. Во овој случај бараме од институциите одговорни за оваа реформа да ги земат предвид нашите предлози во регионот на Пешкупија, општините Стеблево, Требиште и Острени, во областа на Голо Брдо да се обединат и да се создаде општина Голо Брдо. Во регионот на Кукс општините, Шиштавец, Топојан и Запот во областа Гора да се обединат и да се создаде општина Гора, додека во регионот на Корча општина Пустец во областа на Преспа да се преименува во општина Преспа.

Исто така, бараме помош од меѓународните организации да го спречат  укинувањето на општините каде што живее македонското малцинство, затоа што ова наше барање е поврзано со исполнување на препораките замалниствата кои Европската унија ги бара од нашата држава на патот кон европската интеграција.- стои во декларацијата.

Со најновата варијанта која помина на собраниска комисија  Албанија би имала 61 локални единици.

Оваа одлука ќе  ја разгледува Владата, а потоа на 23 јули предлогот ќе се најде во Собранието на Албанија и на 30 јули треба да се гласа.

Освен Македонците против се и Грците во Албанија кој бараат општина Химара да не се укинува и да не се припојува со повеке општини со албанско население.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top