| четврток, 6 декември 2018 |

Реконструкција на водоводната мрежа на улиците „Шиндаровска“ и „Сердарот“

koce-500

Градоначалниците на Град Скопје и на Кисела Вода, Коце Трајановски и Билјана Беличанец-Алексиќ, и в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Бојан Василевски, денеска го означија почетокот на градежните работи за реконструкција на водоводната мрежа на улиците „Шиндаровска“ и „Сердарот“ во Драчево.

– Со реконструкцијата на водоводната мрежа, жителите на овој дел од Драчево ќе добијат подобро и поквалитетно водоснабдување и ќе биде решен долгогодишниот проблем со слабиот притисок на водата со кој се соочуваа граѓаните. На двете улици водоводната мрежа ќе се реконструира во вкупна должина од околу 860 метри, а градежните работи се очекува да завршат во септември – рече Трајановски.

koce-1-500

Василевски објасни дека реконструкцијата на водоводната мрежа по улиците „Шиндаровска“ и „Сердарот“ е значајна инвестиција на ова јавно претпријатие, за што ќе бидат потрошени околу 8,5 милиони денари.

Градоначалничката Беличанец-Алексиќ ја нагласи добрата соработка со Град Скопје и со ЈП „Водовод и канализација“ во реализацијата на овој проект и изрази надеж дека наскоро на улицата „Сердарот“ ќе се продолжи и со втората фаза од изградбата на водоводната мрежа.

Според проектот, во текот на реконструкцијата на водоводната мрежа по улицата „Шиндаровска“ ќе се заменат старите поцинкувани цевки со мал профил со нови полиетиленски цевки со профил од 110 милиметри. Во исто време, ќе се работи на изведба на водоводна мрежа по улицата „Сердарот“, каде што ќе бидат вградени полиетиленски цевки со профил од 110 милиметри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top