| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжува доминацијата на најуспешниот европски автомобил

Германската автомобилска компанија „Фолксваген“ официјално го претстави новиот „пасат“, кој, очекувано, ќе го носи името Б8. Од фабриката истакнуваат дека со новиот модел продолжува успешната приказна на автомобилот што е најдобар во Европа

Очекувано, „Фолксваген“ еволуираше во дизајнот со тоа што новиот модел, за разлика од претходните генерации, доби изразен спортски дизајн и детали.

Автомобилот доби компактност со новите димензии, кои го прават за 2 милиметри пократок, за 12 милиметри поширок и за 6 милиметри понизок од претходникот, што му дава и агресивен изглед.

Инженерите од „Фолксваген“, комбинирајќи челик во висока цврстина и алуминиумска легура, успеаја да ја намалат тежината за 85 килограми и сега новиот „пасат“ тежи само 1.312 килограми.

Auto97-Volkswagen-Passat-B8-3

Внатрешноста на автомобилот е попространа благодарејќи на тоа што меѓуоскиното растојание е зголемено за 79 милиметри и сега изнесува 2.791 милиметри. Таа промена може да се почувствува и во возните перформанси, при што се добива уште постабилен и поголем автомобил, а патниците добиваат повеќе место за нозете, главата и за рамената.

Новиот „пасат Б8“ има задни светилки со ЛЕД, додека, пак, може да се добие и комплетно нова група предни светилки со ЛЕД и со динамичен светлосен систем кој го мести предниот сноп без да им пречи на возачите што доаѓаат од спротивен правец.

Багажниот простор е зголемен за 21 литар и сега изнесува 586 литри, а караванската верзија има фантастични 650 литри во основната верзија и 1.780 литри со преклопени задни седишта.

Богатата гама од мотори се состои од шест агрегати што имаат бензински погон и погон на дизел-гориво, како и хибриден модел кој е комбинација на бензин и на електрична енергија.

Бензинските мотори се со зафатнина од 1,4, 1,8 и 2 литри и со моќност од 150 до 280 коњски сили. Дизел-моторите се од 1,6 и од 2 литри, и со 120, 150, 190 и 240 коњски сили.

Auto97-Volkswagen-Passat-B8-2

Хибридот е комбинација од 1,4-литарски бензински мотор и електричен мотор кој има моќност од 211 коњски сили.

Новиот „пасат“, наместо традиционалната аналогна контролна табла, доби дигитален екран со 12,3 инчи, кој веќе е вграден во „ауди ТТ“.

Новиот „пасат Б8“ може да се нарача од 10 јули, а од „Фолксваген“ најавија дека цената за основниот модел се движи од 26.000 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top