Воопшто не беше за изненадување кога Рада Бошковска (1945), позната уште и како баба Рада, ја доби наградата „Златна бубамара на популарноста“. Таа во последната година ги плени срцата на гледачите, најчесто повозрасни, но и помлади, кои во нејзината емисија за билките и за нивната лековитост го препознаа богатото искуство на Бошковска, кое таа го темели врз теоријата дека за секоја болка има билка. На 4 јули се емитуваше последната емиaсија „Билките на баба Рада“, но истиот ден, во книжарницата „Три“, се случи и промоцијата на прирачникот „Билките на баба Рада“. Во прирачникот има рецепти од повеќе билкари од Македонија. Повеќе од илјада луѓе дојдоа да се поздрават со Бошковска, да ѝ ја стиснат раката и да ѝ се заблагодарат, а таа на купената книга да им напише збор-два и да им се потпише. Поради возраста, таа веќе нема да ги снима емисиите, но затоа, пак, веќе го подготвува второто издание на прирачникот за билките во Македонија.
Многумина ја прашуваа Бошковска зошто емисијата го добила името „Билките на баба Рада“, алудирајќи на тоа дека таа е баба на своите внуци, но e и на сите гледачи.
– Бабата е највисок чин, чин на генералисимус. Бабата е таа што прегрнува, прави колачи, крофни, пити, куќата ѝ мириса на ванила и на цимет. Бабата ја дава мајата, квасот, ти помага да ги издржиш сите најтешки моменти во животот. Престојувајќи кај баба си, детето ја собира сета добрина во живот за натаму. Тогаш е полесно да ги издржиш сите тешки моменти – вели Бошковска.
Очекувавте ли ваква популарност кога ја почнавте емисијата „Билките на баба Рада“?
Бошковска: Не очекував бидејќи јас имам години и секогаш им давам предност на младите, тие треба да градат кариера, да се качуваат по скалилата на успехот. Јас со своите години бројам наназад – десет, девет, осум… Слегувам по скалилата и не ми е жал воопшто бидејќи имам исполнет живот – деца, внуци, многу пријатели. Со сопругот Петар Бошковски, кој, за жал, почина, имавме богат и исполнет живот, и тоа во есенцијалните прашања. Имавме токму живот, по сите прашања, особено по човечка линија, за добрина, сочувство, сомилост, сето она што, според мене, е вистинска вредност. Емисијата ја прифатив од сѐ срце затоа што се познавав со Марија Саздева од порано. Веројатно и таа не очекуваше дека емисијата ќе има таков успех. Длабоко во душата почувствував дека на луѓето им е потребен добар збор, добра мисла, а јас тоа го правам најискрено. Тоа е во мојата природа. Животот го живеам без завист, гнев, сите работи во животот ги примам со божја промисла, сѐ што се случува, така треба да биде. Болеста е знак, но и дар дека треба да се борам, да помагам. Веројатно, тоа го препознаа и гледачите и затоа мислам дека емисијата имаше токму таков успех.
Вашиот сопруг беше новинар и поет, но никогаш не ја достигна славата што ја имате Вие денес?
Бошковска: За жал, така е. Јас никогаш не можам да се рамнам со него, да бидам токму како него. Тој има извонредни песни, и тоа не го велам јас, туку критиката. Многумина велат дека неговите есеи и критики им помогнале да ги разберат делата што ги прочитале. За жал, кај нас е таква ситуацијата и јас не се согласувам со тоа. Не заради Перо, тој беше задоволен и не бараше внимание. За него на работа не знаеја дека е поет, освен оние од неговата фела. Тој беше и филмски критичар, уредник на драма, човек кој ги познаваше сите сфери од неговата уметничка област. Но, јас секогаш сакам да го споменам бидејќи многу знаеше за билките. Тој ги знаеше сите нивни имиња. Јас имињата на билките ги научив од него. Некои од емисиите ги посветив на него.
Од каде ги познавате билките и нивното лековито дејство? Колку време се занимавате со билкарство?
Бошковска: Мислам дека билките ги познавам уште пред да се родам. Времето во кое јас живеев беше помалку стресно, пореласкирано, се живееше исполнет социјален живот. Сите дворови беа полни со овошки – праски, кајсии, сливи, лозници. Додека ручавме во дворот, кајсии ни паѓаа в скут. Многу беа убави мирисите на билките, немаше двор во кој немаше босилек, маточина, обетки или кандилце и затоа многу ја сакам песната на Влатко Стефановски „Кандилце“, ме потсетува на едно многу убаво време. Ме потсетува на отворени дворови, на мирисот на лубеницата во лето, на пржените пиперки, млади компирчиња и тиквички. Билките ги засакав уште тогаш. Почнав да читам и осознав дека светот почнал со билките, па потоа се животните, дрвјата и на крајот човекот.
Ве застануваат ли на пазар да Ве прашаат за совет? Да се консултираат со Вас за некој чај или напивка, за некој лек?
Бошковска: Тоа се случува постојано и затоа решив веќе да не одам на пазар. Сакам да им одговорам на сите, а не можам. Во емисијата сакаат да ме заштитат од сите луѓе што го бараат мојот телефонски број. Но, јас не можам во емисијата да се правам добра, а да не одговарам на повиците. Ако е нешто ургентно, им посветувам внимание пред емисијата, а ако не е, ги замолувам да ме почекаат и да поразговараме по завршувањето на емисијата. И кога сум најуморна, сакам да помогнам. Мене тоа не ми е чудно, јас одамна се занимавам со духовниот развој. Билките ми помагаат, тие ми даваат сигурност, спокој. Има билки што вистински ни даваат раст, како рузмаринот и ловоровиот лист, на пример. Не случајно победниците, лауреатите носеле венци од ловоров лист или од рузмарин. Тие ни ја збогатуваат душата, нѐ лекуваат и исцелуваат и на крајот ни даваат и спокој.
Мислите ли дека добриот збор лекува повеќе од билката?
Бошковска: Во тоа сум убедена. Јас не се сметам себеси за исцелител, но на неколкумина на кои сум им рекла дека не се болни, а веќе ги отпишале, по извесно време ми се јавуваат да ми кажат дека се добро. Не знаете колку сум среќна! Како кога ми се раѓаа внуците, децата, кога во семејството се случуваат убави работи… Добриот збор најмногу лекува.
Еликсир за јакнење на имунитетот
Во еден килограм мед се ставаат 250 грама изблендирана брусница, сок од еден лимон, сок од еден портокал, сок од еден цитрон, 20 грама цимет и 20 грама ѓумбир. Сето тоа убаво се меша и може да се консумира веднаш.
За возрасни – една супена лажица наутро и навечер.
За деца – една кафена лажица наутро и навечер.
Повеќе години сте пензионерка. Како Ви поминува денот?
Бошковска: Иако сум правник по професија, одамна се занимавам со билките. Ќерките студираа, почнав да чувам внуци. Го лекував и Перо, и мислам дека помогнав тој да си замине целосен, среќен, хармоничен. Го препеа Франческо Петрарка, напиша раскази и рече дека му е време да си замине. Францускиот филозоф Фуко вели дека се среќни тие луѓе што во тешки здравствени ситуации се опкружени со семејството. Перо навистина беше опкружен со сите нас. Мислам дека замина како среќен, целосен и хармоничен човек. И тој и јас ја сметаме смртта како многу важен чин, исто како и раѓањето. Така што и во смртта заминувањето треба да биде достоинствено.
Доаѓа ли среќата сама или таа е верна човекова судбина и ако не ја бркате, ќе биде тука, до нас?
Бошковска: За ова многу размислувавме и разговаравме со Перо. Човекот треба сам да знае да ја почувствува среќата. Животот е и краток и долг. Краток е можеби за живеење, но долг е за да ни врати за сите работи што ги правиме, без разлика дали се добри или лоши. Секој човек, и во најтешките моменти, мора да бара зрно среќа. Да се израдува на туѓа среќа, да се труди да помогне некому, со збор или со дело. Среќата е многу релативна работа и мал број луѓе, за жал, знаат да бидат среќни. Мене среќа ми е изгрев на сонцето, кога е убаво времето, се радувам дека капините ќе родат и оваа година ќе може да им дадам на многу луѓе. Иако со Перо немавме богат живот во материјална смисла, мислам дека бевме многу богати. Сѐ што сме правеле било искрено. За родителство нема факултет, тоа се учи. Многупати сме грешеле, но никогаш не сме имале лоша мисла. Во тој момент тоа ни се чинело исправно. Мислам дека тој замина како среќен човек, а ние среќни дека сме живееле со таков човек од кого многу сме научиле. Среќата се гради секојдневно.
Гледате ли кај луѓето денес страст за животот? Што мислите, тие Ве прашуваат за совет, сакаат да споделат мислење со Вас?
Бошковска: За жал, не. Ни се наметнаа други вредности. Човекот ги заборави најосновните човекови доблести – љубовта, вербата, надежта, храброста и мудроста. Ако загубиш љубов, тоа е многу, но ако загубиш надеж, тоа е сѐ. Сметам дека луѓето не се виновни. Наеднаш многу работи ни се струполија врз плеќите. Луѓе што немаат квас во душата преку ноќ станаа моќници, луѓето се збунија. Луѓето сакаат да живеат со страст. И најдепресивниот човек сака да живее со страст, нему тоа му недостига, страста за животот, да се радува за секој ден. Затоа велам шетајте, допирајте се, прегрнувајте се. Допирот е многу лековит. Во најтешките моменти е најважна поддршката. Старите велат: „Што ти носи минутата не ти носи годината“.
Книгата „Билките на Баба Рада“ е прирачник што на едно место ги собира тајните и моќите на лековитите билки. Ова е библија со повеќе од 250 рецепти. Очекувавте ли толку народ на промоцијата?
Бошковска: Промоцијата беше преубава, јас не можев сѐ да видам бидејќи потпишував книги. Сите беа загрижени како ќе издржам, но јас веднаш се регенерирав. Во книгата има рецепти од сите врвни билкари од Македонија. Ние не сме свесни какво богатство имаме. Стекнав извонредни луѓе за време на снимањето на „Билките на баба Рада“. На промоцијата многу луѓе ми кажаа дека ова им ја вратило вербата дека добрината сѐ уште постои.
Која е волшебната напивка за ова лето?
Бошковска: Препорачувам чаевите да не бидат многу ладни од фрижидер, туку млаки, бидејќи тоа му годи на организмот. Напивката што јас ја препорачувам е составена од ѓумбир, кој на санскрит значи „она што се лечи“, потоа нане, малку мед, лимон, малку цимет, 1-2 каранфилче, кој е одличен антисептик, и краставичка. Ова е одлична напивка за тие што не се сами, односно за бремените жени, потоа за децата додека патуваат, но и за возрасните. Чајот од нане и чајот од маточина, исто така, се препорачливи. Лимонадата со лаванда е многу вкусна. Не сте пиеле поубава лимонада.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Рада Бошковска е објавено во 97. број на неделникот Република, 11.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.