
Во Србија во текот на 2013 година убиени се 43 жени, што значи дека на секои седум до 10 дена е убиена по една.
Иако пред три години ја потпиша, Србија се уште не ја ратификувала Европската конвенција за надомест на штета на жртви на кривични дела со елементи на насилство. Од таа причина 37 невладини организации потпишаа иницијатива за ратификација на овој документ, ја предале на надлежните институции и побараа да се усвои соодветно законско или друго решение кое ќе обезбеди постоење на ефективен механизам со чија помош државата во духот на одредбите од Конвенцијата, ќе ја исполни својата обврска во врска со обезбедување на компензација и пристап до правда на жртвите.
Вања Мацановиќ, адвокат на Автономниот женски центар, кој е еден од потписниците на иницијативата, вели за Данас дека очекува Конвенцијата наскоро да се најде пред Народното собрание, бидејќи овој документ претставува дел од правното наследство на ЕУ, со кој Србија во процесот на приклучување, треба да го усогласи своето законодавство.
На прашањето што со ратификувањето на Конвенцијата ќе добиеме како држава, таа објаснува:
– Државите кои до сега ја ратификуваа оваа конвенција, на тој начин преземаа одговорност и обврска, на жртви на насилни кривични дела да признаат право на надомест на штета која ја исплатува државата од посебен фонд, за подмирување на трошоци за нивно лечење, боледување, зајакнување… На овој начин нема да се скуси правото на жртвите да остварат право на многу поголем износ на надомест на штета од вршителите на кривични дела за кои мора да чекаат до завршување на судската постапка.
– Положбата на жртвите на кривични дела, а посебно на жртвите на насилни кривични дела во Србија е многу лоша и ни државата ни државните органи не прават доволно за генерално да ги унапредата правата на жртвите во кривичните постапки. Иако Автономниот женски центар веќе со години предлага измени на Законикот за кривична постапка во делот кој се однесува на правата на жртвите, Министерството за правда и понатаму нема слух да ги усвои таквите измени – додава таа.
СЗО насилството над жените го прогласи за епидемија, пресметувајќи дека во иднина една од три жени во светот ќе бидат на удар на сексуално или физичко насилство, најчесто од мажот или партнерот. Прашана дали овој вид на насилство во Србија има размери на епидемија таа вели:
– Во Србија во текот на 2013 година од страна на своите партнери или поранешни партнери или роднини, убиени се 43 жени, што значи дека на секои седум до 10 дена во Србија е убиена една жена. Последните години на Автономниот женски центар се јавуваат жени кои преживеале или преживуваат брутални форми на насилство. Ваквата состојба во Србија, од една страна е последица од занемарување на пострауматските стресни пореметувања, кај тие кои биле на боиштата, а од друга страна е последица од тетрадиционализација на општеството.
СОС телефоните за помош на жртвите на насилство годишно примаат околу 10.000 повици. Мацановиќ вели дека во 2013 година психолошкото и физичкото насилство и понатаму биле доминанти форми на насилство кое го пријавиле жени и девојки на СОС телефоните во Србија, а најнесигурно место за нив била нивната куќа, т.е. стан.
Дали работата на СОС телефоните е обезбедена и во иднина?
– СОС телефоните во Србија главно се во рамки на женските невладини организации и како такви, иако претставуваат услуга од социјална заштита, не се финансирани ни од страна на државата Србија, ниту од општините во кои се наоѓаат. И понатаму нема единствен бесплатен 24 часовен СОС телефон за целата територија на Србија, иако пред речиси 2 години таков единствен СОС телефон е основан на територијата на Автономна Покраина Војводина – наведе Мацановиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


