Научниците ја истражуваат отпорноста на одредени видови на топлината, за да го спречат уништувањето до кое доведува растот на температурите и киселоста на океаните…
Околу една третина од сите подводни животни организми живеат во корални гребени, кои исто така ги заштитуваат бреговите од бури, додека во исто време обезбедуваат храна и работа за над милијарда луѓе во светот. Меѓутоа, зголемените температури и киселоста на океаните, ги уништува коралите со огромна брзина. Дури 80 отсто корали на Карибите се мртви, како и 75 отсто од најголемиот корален гребе на светот, австралискиот Great Barrier Reef. Во една нова студија научниците ги истражуваат коралите кои се отпорни на топлината што може да им помогне да најдат нови начини да ги зачуваат гребените во се потоплиот свет.
Во оддалечена пацифичка лагуна во американската Самоа, истражувачите проучуваат еден вид на корали кои живеат во две споени езера во истиот гребен. Разликата е во тоа што едното езеро е потопло од другото, вели биологот на Универзитетот Стенфорд, Стивен Паламби од својата лабораторија на брегот на океанот.
– Во овие садови се корали кои утрово ги земавме од гребенот. До попладнето, еден вид на корали е жив, а другиот не е. Во што е разликата?
Коралите од постудениот базен се префрлени во потоплиот и по една година, пресадените корали се тестирале на топлината во лабораторија. Според резултатите на студијата, кои се објавени во научното списание Сајенс, коралите кои биле префрлени покажале за околу половина помала толеранција на топлината во споредба со тие корали кои цело време биле во топлите базени. Сепак, пресадените корали се прилагодиле многу брзо во однос на тоа како природно се развиваат организмите, истакна Паламби.
– Според нашите проценки, треба време од 50 до 100 години да дојде до вакви промени во еволуцијата, најмногу поради тоа што коралите долго живеат и генерацискиот век е долг. Значи, еволуцијата во вакви случаи е бавна, додека физиолошки овие живи видови изгледа многу брзо реагираат на промените во својата околина и заштитуваат поединечни корали од топлината.
Меѓутоа, Паламби вели дека видот на корали кои природно растат во потоплите делови на гребенот имаат двојна предност.
– Тие имаат гени кои им овозможуваат да живеат таму, така за прилагодување им треба само физиологија. Коралите од поладните езера исто така имаат физиологија, но не и гени за живот во топла вода.
Паламби објаснува дека резултатите од ова истражување сугерираат дека при затоплување на океаните, некои корали можат да се прилагодат на новонастанатата температура, но за жал не со таа брзина со која се затоплува нашата планета.
– Сепак, таа способност физиолошки и еволуциски да одговорат на промените, можеби ќе може да им подари неколку дополнителни децении и можеби ќе им даде малку повеќе време да се прилагодат на климатските промени. На нас тоа ни дава и повеќе време да го решиме проблемот.
Резултатите од студијата, вели Паламби, можат да ги поттикнат одговорните, гребените со корали отпорни на топлина да ги означат како приоритет и да ги стават под заштита и додава дека со растот на температурите на океаните, овие отпорни корали можат и да помогнат при заздравување на оштетените корални гребени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.