| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска во Галичник двојна свадба

Годинава, првпат откако е возобновена свадбата, на Петровден ќе се венчаат две двојки – Иван Сареивски, внукот на прославениот македонски пејач Александар Сариевски и Ана Гареска и Стефан Куковски и Маргарита Ивановск

Galicka-svadba-2014-06-Custom-740x538

Денеска во Галичник ќе се венчаат две двојки – – Иван Сареивски, внукот на прославениот македонски пејач Александар Сариевски и Ана Гареска и Стефан Куковски и Маргарита Ивановска. Тројца од четворицата се галичани, а првпат откако е возобновена Галичката свадба ќе има двојна веселба. Организаторот на Галичката свадба, Месната заедница Галичник со оваа двојна свадба сака да прати порака – да има што повеќе венчавки и да се раѓаат повеќе деца во Македонија. Како што порано во Галичник, на Петровден се правеле и по педесет свадби, така и сега да се врати традицијата и да има колку што е можно повеќе венчавки во Македонија воопшто.

Галичката свадба обединува над 30 свадбени обичаи карактеристични за мијачкиот крај од кои повеќето и ден денес се изведуваат и на цивилните свадби. Сепак, носиите, фолклорот, големиот број учесници, како и амфитеатарланиот амбиент на Галичник, ја прават Галичката свадба незаборавно доживување за секој посетител.

Порано церемониите на свадбата траеле пет дена. Секој ден од свадбата има посебни обреди кои се изведуваат по утврдени обичаи.

– Годинава не распишавме конкурс за зетот и за невестата што ќе се венчаваат, туку едноставно сакавме повеќе двојки да се венчаат и со тоа тие да останат во организацијата на оваа манифестација – велат од Месната заедница Галичник која ја организира свадбата.

Годинава тројца од четворицата кои ќе се венчаат во преубавото село во Западна Македонија имаат потекло од Галичник. Ана Гареска и Иван Сариевски се по потекло Галичани. Гареска, чијашто мајка го носи презимето Ажиевска е израсната во Галичник и таму ја знае секоја педа и сите обичаи што се поврзани со свадбата.

– Огромна чест и задоволство е да се прави Галичка свадба, зошто тоа е начинот на кој нашите предци ја крунисувале својата љубов. Ќе се венчаме во местото од каде што потекнуваме, ќе ги поминеме истите обичаи кои ги правеле нашите предци, ќе ги носиме нивните носии… Чувството е неповторливо. Тоа е еден вид на сплотување на минатото и на сегашноста – вели Гареска.

Ана и Иван се две години во врска, иако се познаваат повеќе од една деценија.

– Сариевски беше извонреден човек и голема е гордоста таква личност да имаш во семејството. Тој ме научи што значи да се биде добар човек, што е и можеби најважното нешто од многуте работи кои што сум ги научил од него. Најзабавни моменти со него ми биле кога јас почнував да учам да свирам гитара и кога вежбавме заедно. За мене, немаше поубаво нешто од тоа. Сепак, на крајот на денот тој за мене беше само дедо, без разлика што е голема личност во нашата култура и историја – вели Иван.

,,Ако Македонија е библиска земја, тогаш Галичник е неговата последна реликвија” напишал македонскиот поет Петре М. Андреевски.

– Галичник е камен и живописен споменик на минатото, а енергијата која те обзема таму е возвишена. Нас Галичник ни дава мир, спокој и ни ја полни душата. Галичник значи дом, на ниедно место не се чувстувам толку дома како таму. Денешен Галичник е само бледа сенка на сјајот и славата што го имал некогаш. Но, и покрај тоа Галичник и таков каков што е за нас е прекрасен и поубав од секое друго место – велат Ана и Иван.

Маргарита Ивановска, иако е битолчанка, со голема љубов зборува за Галичник.

– Галичник е место каде што се раѓа љубовта. Јас и Стефан се запознавме во Скопје, но нашата љубов се разви во Галичник. Затоа сакам ова место да го направиме храм на љубовта. Веќе се чувстувам како Галичанка – вели Ивановска.

Таа и Стефан се две години во врска и нејзина била желбата љубовта да ја крунисаат со венчавка во Галичник. Со оглед дека Стефан е Галичанец, на радоста и среќата и немало крај. Желбата на Маргарита ќе и биде исполнета, а Стефан ќе биде уште погорд дека ќе ја продолжи семејната традиција на венчавање во Галичник.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top