| четврток, 6 декември 2018 |

Видео: Конечно ќе се гради ЕРА сити за 130 милиони евра

Групацијата ЕРА заедно со меѓународната групација ТриГранит ќе го реализираат проектот ЕРА Сити, кој ќе биде изграден во рамките на Скопскиот саем, а во него ќе бидат вклучени шопинг центар, забавен центар, деловни објекти и хотел.

httpv://www.youtube.com/watch?v=IcNhfYqurhQ

Како што информираше Гвидо Омладич, претседател на групацијата ЕРА, во изминатите две години во овој проект се вложени 8,5 милиони евра за инфраструктура и подготовка за реализација на проектот.

Вкупната реализација на проектот, како што рече тој, се проценува дека ќе изнесува околу 130 милиони евра, а изградбата треба да заврши за период од три до четири години.

-ТриГранит има големо меѓународно искуство во изградба и управување со вакви комплекси. Поради тоа, ние се договоривме покрај во изградбата ТриГранит да се вклучи и во постојните активности на групацијата ЕРА, односно во управување со Метрополис арената, рече Омладич.

Арпад Торок, генералниот директор на ТриГранит групацијата, рече дека нивната групација е една од најголемите групации која се занимава со развој на недвижности во Европа, како и со инвестиции, развој и управување со недвижности. Таа е присутна во 10 држави во регионот, а досега има реализирано бројни проекти во Средна и Југоисточна Европа.

-Нашата компанија има долгогодишно искуство во изградба на нови градски шопинг центри. Во регионот е присутна со повеќе проекти, а неодамна го развивме и проектот Арена Центар, најголем трговско-забавен центар во Загреб и Арена Загреб како повеќе наменска спортска арена, кои се слични со проектот на групацијата ЕРА, рече Торок.

Во таа насока, тој додаде дека сакаат нивните искуства да ги пренесат и во Македонија и на граѓаните да им понудат нешто големо и единствено во кое ќе бидат инкорпорирани најмодерни технологии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top