| четврток, 6 декември 2018 |

ПССЕ: Соодветно место за политичка конфронтација е парламентот

Соодветното место за политичката конфронтација е во парламентот, се вели во соопштението на ад хок-делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за набљудување на претседателските избори и на предвремените парламентарни избори во Република Македонија објавено денеска во Стразбур по вчерашната посета на земјата.

sovet na evropa

Во соопштението објавено во Стразбур, како што јавува дописникот на МИА од Стразбур, воедно се повикуваат сите политички партии да работат заедно за надминување на пречките за ефективно функционирање на Собранието.

Делегацијата, составена од Стефан Шенах, раководител на ад хок-комитет, и Роберт Валтер, известувач на Комисијата за следење на обврските на Македонија преземени со членството во Советот на Европа, за време на престојот во земјава се состанаа со премиерот, претседателот на Парламентот, членовите на македонската делегација во ПССЕ, лидери на СДСМ, ДУИ и ДПА, како и со претставници на меѓународните организации присутни и со претставници на граѓанското општество.

Во однос на одлуката на неодамна избраните членови на Парламентот од СДСМ да не ги прифатат нивните мандати, делегацијата на ПССЕ ја изрази својата загриженост и, исто така, жали за фактот дека ДУИ ги бојкотираа претседателските избори.

Делегацијата изрази надеж дека и опозицијата и владејачката партија би одговориле на довербата од страна на гласачите дека тие целосно ќе го остварат нивниот мандат во Парламентот.

Делегацијата, исто така, ја нагласи потребата да се смират сегашните меѓуетнички тензии кои, иако не се директно поврзани со изборниот процес, се сериозно поткопување на кохезијата на општеството.

Советот на Европа, вклучувајќи го и Парламентарното собрание и Венецијанската комисија, е подготвено да им помогне на засегнатите страни во изнаоѓање решение, се вели во соопшетението од ПССЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top