| четврток, 6 декември 2018 |

Петерле наместо Шацимаркакис на чело на Мешаниот комитет ЕП – Собрание

Словенечкиот европратеник Алојз Петерле е новиот претседател на заедничкиот мешан комитет на Европскиот парламент и македонското Собрание, а на оваа позиција доаѓа на местото на поранешниот германски европратеник, Јорго Шацимаркакис кој на последните европски избори не успеа да се избори за нов мандат во Европскиот парламент (ЕП).

Наскоро се очекува да биде комплетиран и целиот список од дваесетина европратеници што ќе бидат дел од Мешаниот комитет со Македонија, а во овој состав се очекува да влезе и новата словенечка европратеничка Патриција Шулин. По формирањето на комитет, во септември или октомври се очекува европратениците да ја имаат и првата средба со своите македонски колеги, пренесува МИА.

Петерле, кој започнува трет последователен мандат како пратеник во ЕП, важи за искусен политичар со богата кариера во својата земја. По распадот на СФР Југославија, тој беше прв премиер на Владата на Словенија (од 1990 до 1992 година), а двапати (1993-1994 и 2000 година), Петерле беше и вицепремиер и словенечки министер за надворешни работи.

Како претставник на христијанско-демократската партија Нова Словенија, во Европарламентот, Петерле е дел од Европските народни партии (ЕПП), чија членка е и владејачката партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, каде се гласаат Резолуциите за напредокот на Република Македонија во евроинтеграциите, постои голема веројатност Британецот Ричард Ховит да биде реизбран за известувач за нашата земја, додека Романецот Кристијан Дан Пред ќе биде координатор за Македонија на најбројната партија во ЕП, Европските народни партии во АФЕТ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top