| четврток, 6 декември 2018 |

„Блиц“ до српските туристи: Возете внимателно во Македонија, полицијата не простува

09082012115205_granica-tabanovce_3

Српскиот весник „Блиц“ со препорака до српските туристи што патуваат на одмор во Грција преку Македонија:

Кога ќе стигнете до границата со Македонија подгответе ги пасошот, меѓународната возачка дозвола, сообраќајната дозвола и зелениот картон за Македонија. Меѓународната дозвола во летната сезона речиси и не ја бараат, но според прописите е задолжителна.

Задржувањето на границата меѓу Србија и Македонија е околу 30 минути, со тоа што при влез во Македонија без проблем можете да застанете во колоната назначена за државјани на ЕУ и да избегнете нешто подолго чекање.

Препорачуваме веднаш по влегувањето во Македонија да застанете на првата бензинска станица и да замените 10 евра во македонски денари, колку што ви се потребни за патарина во двата правца. Тоа ве советуваме затоа што на наплатната рампа примаат само книжни пари во евра, а кусур враќаат исклучиво во домашна валута. Можно е да користите картичка, но често не им работат апаратите. Горивото во Македонија е значително поевтино во однос на Србија, особено за тие што возат на ТНГ (гас). 

Патот низ Македонија е одличен, но апелираме на возачите да обрнат внимание на надминување на ограничената брзина. Еден дел од патот е магистрален (ограничувањето е од 50 до 90 километри на час) и личи на автопат, па возачите додаваат гас, а радарските контроли се чести. Забележавме, пишува „Блиц“ во препораката до српските туристи, дека македонската полиција веднаш ги запира возачите од Србија, а казните се до 300 евра. Дополнителен проблем е тоа што пасошот го оставате на сообраќајната полиција, сè додека не ја платите казната во најблиската пошта или во банка. На границата со Македонија и Грција се чека околу половина час. Особено треба да обрнете внимание на преминот „Евзони“ каде што Грците безобрасно ги заобиколуваат колоните возила што може да биде и опасно кога патниците излегуваат од автомобил да ги протегнат нозете.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top